Да повториме: Што е дуален систем за стручно образование и обука (СОО) – и зошто е толку многу значаен?

Да повториме: Што е дуален систем за стручно образование и обука (СОО) – и зошто е толку многу значаен?

Од: Надире Селими, Сабин Селими, Зенебе Б. Урагучи – 02. ноември 2020 година

Пред да навлеземе во деталите

Замислете ја за момент приказната за студентката по име Миа.

Иако Миа има можност да се запише во средно општо образование, таа сепак избира да се запише во стручно образование и обука (СОО). Миа претставува дел од околу 72% од ново запишаните ученици во средното образование во Швајцарија. Овој пример многу јасно покажува дека средното стручно образование е многу атрактивен и привлечен избор за кариера. Сепак, приказната не завршува тука. И покрај тоа што Миа може да посетува само училиштно стручно образование и обука, таа се одлучува за дуално стручно образование и обука. Ова го прават 85% од сите ученици во програмите за стручно образование и обука.

Швајцарија ги има највисоко квалификуваните работници во светот. Благодарение на стручната обука и професионалниот развој, до 70% од учениците од средно образование учествуваат во системот за стручно образование и обука кој се смета за „златен стандард“. Учениците го комбинираат училиштето со учење во услови на работна средина т.е. истовремено учат и работат. Многу помало внимание им се посветува на дипломите од високото образование – помалку од една третина од учениците под 25 години се запишуваат во високо образование.

Но, што е дуално образование и зошто е важно?

Со едноставни зборови, дуалното образование е систем во кој практикантствата во една компанија се комбинираат со училишни часови во стручно училиште. Ова е од голема важност бидејќи таквото комбинирање придонесува за развој на високо квалитетни практични вештини кои ги бараат работодавците т.е. компаниите.

Соодветно, овој процес има значајно влијание врз зголемувањето на можностите за вработување на учениците но уште поважно, го олеснува патот на учениците кон достојно и брзо вработување. Една работа е многу очигледна – кога темата е дуално образование, сите погледи се насочуваат кон Швајцарија (а исто така и Германија), која успешно го применува овој модел на образование.

Е сега настапува вистинскиот момент: швајцарскиот дуален систем за образование е единствен и посебен

За момент да се ​​навратиме на приказната за Миа. Како и другите практиканти, и таа поминува еден ден неделно во училиште учејќи основни предмети, како што се математика и јазик, но и теоретски основи кои се потребни и ја поддржуваат работната позиција за која е практикант. Остатокот од нејзиното време, Миа го поминува на своето работно место каде што е практикант. Е сега, можеби ќе се запрашате: дали Миа е редовна или вонредна ученичка?

Токму тука лежи дуалноста на системот. На своето работно место, Миа учи преку работење, набљудување и преку комуникација со својот вешт ментор но и преку искуства во кои го применува нејзиното теоретско знаење, кога работи на решавање на реални проблеми. На овој начин, таа открива на што најмногу сака да се посвети и развива желба за својата професија, што пак од друга страна создава одлична основа за Миа да стане успешен електро-техничар.

За д-р Маркус Маурер, кој е професор по стручно образование на Универзитетот за образование на наставници од Цирих, факторите како што се „широк спектар на занимања, силна ориентација кон компетенции и вклучување на приватниот сектор не само во обезбедувањето на стручното образование и обука, туку и во неговото управување“, го прават швајцарскиот дуален систем за стручно образование и обука толку многу привлечен и уникатен.

Учениците можат да изберат една од многуте програми за стручно образование и обука за околу 230 занимања кои ги подготвуваат да постигнат два вида на квалификации за стручно образование и обука: сертификат за стручно образование и обука и диплома за стручно образование и обука. Овие програми ги опфаќаат сите сектори на швајцарската економија, вклучувајќи ги градежништвото, инженерството, здравството и банкарството. Сите програми за стручно образование и обука во Швајцарија се силно ориентирани кон стекнување на компетенции.

Но, за што точно се овие компетенции? Компетенциите се фокусираат кон две главни полиња: стручни компетенции (т.е. компетенции за специфични занимања) и трансверзални компетенции (на пример, само-компетенции, социјални и методолошки компетенции). И што е најдобро од сè, дуалното стручно образование и обука е возможно само заради оние приближно 30 проценти од сите компании во швајцарската економија кои се вклучуваат во обуката на учениците од стручното образование и обука. Здруженијата или асоцијациите (оние кои во главно ги претставуваат работодавачите) исто така се активни во изготвувањето на политиките за стручното образование и обука, но и во изработка на наставните планови, планови за обука и процедурите за квалификација. (за специфичните занимања).

Дали е ова модел за другите земји? Да, но со одредена адаптација

Надвор од Швајцарија, другите земји сметаат дека дуалниот систем за образование е решението за намалување на невработеноста кај младите. Внимателно следете го текстот подолу, затоа што ќе ви покажеме како.

Мергим Јахиу, меѓународен советник на Швајцарскиот федерален институт за стручно образование и обука (СФИВЕТ) нагласува две клучни области на швајцарскиот дуален систем за стручно образование и обука, кои можат да бидат инспиративни за другите земји кои имаат за цел да ги реформираат своите системи за стручно образование и обука. Првата област е функционално јавно- приватно партнерство и социјален дијалог. Втората област е интегрирањето на стручната педагогија во светот на работата.

Бидејќи ваквиот систем е заедничко разбирање помеѓу приватниот сектор и владата, засегнатите страни стекнуваат поголема сопственост за системот, но најмногу затоа што одлуките кои се носат се засновани на консензус а одговорностите се поделени помеѓу сите. Јахиу е вклучен во поддршка на земјите како Северна Македонија преку соработка со проектот E4E@мк на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC). Тој забележува дека наместо пристап на пресликување или едноставно копирање на швајцарскиот дуален систем за стручно образование и обука, многу е важно да се усвои и да се има адаптивен пристап, односно да се прилагодуваат факторите на успех кон контекстот на една одредена земја.

Ако можете да се сетите на некои минати времиња, основните елементи на дуалното стручно образование и обука кои што ги објаснија проф. д-р Маурер и Јахиу, не звучат како нешто ново, особено за нашите родители, баби и дедовци. Ова беше доминантен пристап на стручно образованиеи и обука и во поранешна Југославија. Крајот на комунизмот, транзицијата кон демократија и пазарна економијата се рефлектираше во секој аспект од животот па стручно образование и обука не беше никаков исклучок. Партнерствата меѓу тогашните јавни претпријатија и јавните училишта за стручно образование и обука сега треба да се заменат со партнерства помеѓу приватни претпријатија и јавни училишта за стручно образование и обука.

Но, каква е користа за компаниите од приватниот сектор?

„Поголема продуктивност и раст“, ​​вели Стефан Томас, експерт од Европската фондација за обука (ETF). Тој објаснува дека работодавачите кои нудат можности за учење на работното место може да имаат директна корист од подобрите технички и специфични вештини за работа меѓу учениците, дипломираните студенти и вработените лица. Второ, потенцијалот за вработување на ученици и дипломирани студенти како што е Миа, е уште една голема придобивка за компаниите. Учениците, исто така, вршат продуктивна работа која може да им поврати дел од трошоците на компаниите каде работат учениците, а во некои случаи дури и сите трошоци.

Добар пример е Проектот 20-20-20 на ЕВН, компанија за дистрибуција и снабдување со електрична енергија во Северна Македонија. Оваа компанија е пионер во земјата во имплементирање на дуална програма за 3-годишно стручно образование и обука во исто време со постојната училишна програма, во соработка со училиштето за стручно образование и обука „Михајло Пупин“.

Анета Петровска-Русомароски, раководител на секторот за човечки ресурси и организација во компанијата, се сеќава на предизвиците со кои се соочувале во воведувањето и имплементирањето на овој проект: „Ни беа потребни многу ресурси и напори. Како компанија се соочивме со многу предизвици. Ние се подготвувавме 2 години, почнувајќи од проценка на потребите до подготовка на правна анализа, учење од добрите практики во развиените системи и подготвување на компанијата во однос на вештините и организацискиот дизајн“.

Како надополнување на погоре наведеното, исто така е важно да се нагласи дека Северна Македонија како „експеримент“ реализира дуален пристап. Земјата го пилотира овој пристап во 7 училишта за стручно образование и обука со 16 компании. Сегашната соработка помеѓу приватниот сектор и училиштата за дуалниот пристап се заснова на „просторот“ даден во Законот за средно образование, член 39, објаснува Аница Алексова, експерт за образовни политики и управување од проектот E4E@мк.

Според Алексова, неколку законски измени и дополнувања треба да бидат внесени во законската рамка, така што ќе се изградат поповолни услови базирани на закони и подзаконски акти, за воведување на дуалното образование (на пр. право и слобода на училиштата и компаниите да организираат дуално образование врз основа на јасно прецизирани нивни улоги и одговорности).

Да заклучиме со зборовите на претпазливост од Изабел Даунер Гардиол и Зенебе Урагучи кои пишуваа за дуалниот швајцарски образовен систем. И покрај јасните придобивки од системот, тие исто така истакнуваат дека реалностите на теренот понекогаш се нијансирани т.е. различни, и не е сè така розово.

Системот придонесува за ниски стапки на невработеност кај младите лица, но исто така создава и обврска за оние млади момчиња и девојчиња кои сè уште не се зрели за светот на работата. Во овој случај не смееме да заборавиме и на родовиот аспект: замислете девојка која сонува да стане професионален ѕидар. Ќе и биде навистина тешко да најде компанија што ќе и понуди практиканство, па дури и во Швајцарија.