Дигитализација во стручното образование и обука

Дигитализација во стручното образование и обука

Средното стручно образование, особено неговото унапредување е директно поврзано со обезбедувањето компетентни наставници кои континуирано ќе се надоградуваат, сега и во иднина. Една алатка која овозможува континуирана надоградба е платформата ИНОВЕТ (inovet.edu.mk), која служи како дигитална база на наставниците во нивниот професионален развој, и им овозможува на едно место да добиваат информации за обуки и курсеви за стручно усовршување и онлајн можности за реализација на истите. Платформата, преку е-библиотека, им дава можност на наставниците да пристапат до материјали за стручно усовршување како и можност за меѓусебна комуникација и  споделување на искуства и инструкции.

Истакнувајќи го претходното, заменик министерот за образование и наука Лулзим Алиу потврди дека дигитализацијата во средното стручно образование, во организација на Центарот за стручно образование и обука и проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“ финансиран од Швајцарската амбасада, овозможува унапредување на средното стручно образование и реализација на активности за промоција и привлекување на повеќе ученици. 

Лулзим Алиу, заменик министер за образование и наука

Со искористувањето на придобивките од овие дигитални алатки кои досега не постоеја кај нас, наставниците постојано ќе се усовршуваат во својата работа, а од друга страна ќе придонесат за унапредување на квалитетот на средното стручно образование, бидејќи и понатаму тие се најважната алка во овој процес и во пренесувањето на знаењето кон учениците“, рече Алиу.

Зборувајќи за важноста на дигитализацијата во стручното образование и обука, директорот на Центарот за стручно образование и обука Шериф Мифтари нагласи дека воспоставувањето на платформата inovet.edu.mk е само една од неколкуте активности на кои ЦСОО е посветен, вклучително и програмата за безбедност и здравје при работа,  дигиталните обуки за наставниците, феријалната пракса, учењето преку работа и процесите на ориентација. Директорот Мифтари исто така ги спомена и новите обучувачи на ментори во компанија, чие место во процесот на практичната обука на учениците во компаниите е исклучително важно.

Шериф Мифтари, директор на ЦСОО

На промотивниот настан учествуваа претставници на Центарот за стручно образование и обука, претставници од швајцарскиот проект Образование за вработување на Северна Македонија (E4E@мк), како и директори и наставници од поголем број на средни стручни училишта.

Курт Витрих, тим лидер на швајцарскиот проект Е4Е@мк

Настанот опфати презентација на повеќе резултатите поврзани со унапредување на средното стручно образование преку негова дигитализација, а акцентот беше ставен на промоција на нова платформа ИНОВЕТ која служи како дигитален помошник за професионално усовршување на наставниците од средните стручни училишта. Преку платформата, наставниците добиваат информации за обуки и курсеви и ќе можат истите да ги реализираат онлајн.

Азра Тутиќ, советник во ЦСОО

Дополнително, настанот овозможи и презентација на програмата за безбедност и здравје при работа и детали поврзани со реализација на истата како и информации за дигитална обука на наставниците.

Ардијана Исахи Палоши, раководител на одделение во ЦСОО

Исто така, претставниците од ЦСОО се осврнаа и на процесот на феријална пракса и нејзината реализација но и на процесот на учење преку работа, како еден од најважните сегменти во рамки на стручното образование и обука.

Зоран Јовчевски, советник во ЦСОО

Претставниците од МОН и ЦСОО исто така се осврнаа и на новиот конкурс за упис во средните училишта, кој е веќе објавен и каде акцентот повторно е ставен на средното стручно образование и дуалните паралелки кои се формираат во соработка со приватниот сектор.

Уписната политика за учебната 2022-2023 ја креиравме преку социјалниот дијалог „Учи паметно, работи стручно“ кој резултираше со отворање на дури 223 дуални паралелки. Евидентен е напредокот што се постигнува. Тоа е двојно повеќе од лани, кога, за учебната 2021/2022 беа отворени 97 паралелки. Во 2019/2020 година имаше само 11 паралелки. Ова значи дека годинава има рекорден број на компании кои изразија интерес и кои ќе бидат дел од реализацијата на практичната настава за учениците. Тие се наведени во конкурсот“, нагласи заменик министерот Алиу, упатувајќи апел до идните средношколци добро да размислат за изборот на образование, при што треба да се водат согласно личните убедувања, афинитети и предиспозиции, но секогаш во предвид да ја имаат информацијата за тоа каков тип на образование им одговара и кои работни места се атрактивни и се нудат на пазарот на труд. 

Следи втората фаза на кампањата „Учи паметно, работи стручно“ за учебната година 2022/2023, со која ќе се информираат деветооделенците за можностите за упис во средните стручни училишта како и за дуалните паралелки кои овозможуваат практична обука на ученици во компании. Преку отворените денови кои ќе се организираат во средните стручни училишта во месец мај, учениците ќе имаат можност да ги согледаат придобивките од реформираното средно стручно образование и да направат соодветен извор за своето идно образование и кариера. 

Конкурсот за запишување ученици во јавните средни училишта за учебната 2022/2023 година е објавен и на веб страната на МОН и во печатените медиуми, а во истиот може да се погледнат и компаниите кај кои ќе се реализира практична обука на ученици.

Конкурсот е достапен на линкот: https://mon.gov.mk/stored/document/konkurs%20mk.pdf