Дуално образование – билет до посакуваната кариера

Дуално образование – билет до посакуваната кариера

Давид Калимановски, учeник од трета година во АСУЦ „Боро Петрушевски“, совршено го балансира типичниот средношколски живот со практичниот пристап кон градење на неговата иднина. Петочните вечери се резервирани за пријателите, додека утрата се посветени на усовршување на вештините за да стане „сообраќаен техничар на патен сообраќај“.

„Доаѓам тука со моите соученици. Секогаш има работа за нас. Веднаш се зафаќаме со возилото. Еден ја става сондата за издувните гасови во ауспух, другиот ја зема сообраќајната, го прегледува шасискиот број на возилото и така заедно го проверуваме возилото. Го следиме испуштањето на издувни гасови, ја проверуваме потрошувачката и потоа возилото оди понатаму кај другите главни мајстори од техничкиот преглед. Тоа што го учиме теоретски го правиме на пракса тука“, објаснува Давид.

За Давид,  концептот „Учење преку работа“ не е само методологија – тоа е патот кон неговите соништа. Стручното образование е неговиот билет кон остварување на својот сон.

„Откако ќе завршам средно училиште во АСУЦ „Боро Петрушевски“ сакам да се усоврашм и да го надградам моето знаење на факултет. Мојата животна желба е да отворам сопствен технички преглед и да си имам осигурување за самиот себе.“

Предностите на менторстовото

Давид има огромна корист од водството на својот ментор, којшто му помага нему и на неговите врсници да бидат активни и работоспособни.

Александар Јованов, раководител на станицата за технички преглед, ја нагласува важноста на практичното искуство.

„Доаѓаат на практична настава во станицата и сами можат да увидат како се одвива работниот процес. На тој начин тие реално се вклучени во работниот процес во станицата за технички преглед, односно помагаат во извршување на технички преглед на возилата.“

За Јованов, градењето доверба во квалификуваната работна сила е од клучно значење. Оваа соработка ги зајакнува врските меѓу образовните институции и приватниот сектор.

„На приватниот сектор му треба обучен кадар којшто е тешко да се најде денес. Компаниите на овој начин можат да си го обучат идниот кадар и полесно да се запознаат со потенцијалните вработени.“

Хелветас: Пренесување на швајцарската експертиза во Северна Македонија

Трансформацијата на стручното образование во Северна Македонија е значително поддржана од Хелветас, швајцарска организација која го поддржува процесот на реформи од 2018 година. Преку адаптација на швајцарскиот дуален образовен систем на локалните потреби, Хелветас помогна во создавањето на уникатен и ефикасен македонски дуален стручен систем.

Пристапот на Хелветас доведе до значително зголемување на бројот на компании кои се подготвени да соработуваат со стручните училишта и да обезбедуваат практична обука за учениците. Ова значи дека се повеќе и повеќе ученици добиваат реално искуство, што ги прави поприфатливи за вработување.

Пред само неколку години, во учебната 2020/2021 година, само 16 компании беа вклучени во овој дуален образовен систем. Денес, во учебната 2023/2024 година, тој број се зголеми на 560 компании. Ова покажува растечко признание на придобивките што ги нуди дуалното образование и за учениците и за бизнисите.

Учениците и нивните родители сега го гледаат стручното образование како директен пат кон вработување. Наместо да го гледаат само како чекор кон универзитетот, тие признаваат дека стручното образование може да води до непосредни можности за работа.

Поддржан од Швајцарската Влада, проектот „Образование за Вработување (E4E)“ промовира трајни промени преку поттикнување соработка меѓу приватните компании, јавните институции и заедниците. Овој проект одигра клучна улога во правењето на стручното образование поатрактивно и поефективно.

Иновативни соработки и идни перспективи

АСУЦ „Боро Петрушевски“ соработува со над 30 социјални партнери – компании кои обезбедуваат реално практично искуство за учениците. Директорот Горанчо Николовски е уверен дека дуалното образование е трансформативно. Тоа не само што обезбедува практични вештини, туку и ја менува перцепцијата на учениците кон изборот на стручно образование наместо традиционалните академски патишта.

„Малку порационално размислуваат. Иднината е во овие струки, иако беа во замрување на некој начин. Доказ е тоа што ние во последните три години, ако сме имале 100 запишани ученици во прва година, сега имаме 250. Тоа е доволен индикатор кој кажува дека свеста почнала да се буди кај младите луѓе затоа што нудиме просперитет и перспектива на секој. Не може секој да биде програмер или доктор.“, вели Николовски.

Приказната на Давид Калимановски е сведоштво за моќта на дуалното образование и значајната улога на Хелветас во трансформацијата на стручното образование во Северна Македонија. Преку вистинската комбинација на теорија и практика, ученици како Давид градат ветувачка иднина во нивните избрани струки.

Автор [Бојан Шашевски, Радио МОФ]
Адаптација: [Александра Сиљановска, Советник за комуникации во Хелветас Северна Македонија]

Оригинална видео сторија: