
Земјоделскиот факултет при Универзитетот „Гоце Делчев“ од Штип започна иницијатива со која концептот за интегрирана практична настава од средните училишта ќе се пренесе и во високото образование. Тоа значи дека покрај летната пракса, студентите од трета и четврта година на овој факултет ќе посетуваат практична настава во компании и во текот на семестарот. Ваквиот комплементарен пристап ќе им овозможи на дипломираните инженери агрономи веднаш да влезат во производствениот процес кај идниот работодавач, а компаниите ќе добијат обучен кадар кој одговара на нивните барања.
Штотуку заврши пилот обуката на ментори за реализација на практична настава од Универзитетот „Гоце Делчев“ и од компаниите соработнички. За време на доделувањето сертификати на менторите, свое обраќање имаше заменик министерот за образование и наука, Агим Нухиу. Тој изрази задоволство од зголемувањето на релациите помеѓу образовните установи и компаниите, со што се засилува компонентата на практичната обука и по завршувањето на факултетот студентите се соодветно подготвени за влез на пазарот на трудот.
„Со поддршка од Швајцарија го развиваме, прошируваме и промовираме концептот на дуално образование во средните стручни училишта, каде фокусот е повеќе насочен кон практичната настава која се одвива во компании. Овој концепт го споменав, затоа што искрено се надевам дека ќе се прошири, ќе биде отсликан и во високото образование и ќе овозможи еден континуитет на квалитетната практична едукација која сега им се овозможува на средношколците, доколку одлучат академски да се надградуваат“ додаде Нухиу.
За досегашната интензивна работа околу развивањето на менторска програма за практична настава на студентите говореше деканката на Земјоделскиот факултет, д-р Емилија Арсов. „Се надеваме на успех, имаме интерес од страна на студентите и, се разбира, ги повикуваме компаниите кои работат во агросекторот да ги отворат вратите за нашите студенти за да може утре да имаат еден обучен кадар кој ќе одговори на пазарот на трудот“, рече таа во своето обраќање.
Македонија го засилува концептот на дуалното образование со цел да подготви квалитетен кадар што ќе биде способен да одговори на предизвиците во реалниот бизнис свет. Се повеќе образовни установи во државата воспоставуваат партнерства со компании, овозможувајќи им на студентите да ги комбинираат теоретските знаења со практичните вештини.
Настанот се одвиваше во рамки на активноста „Развој на менторска програма за високото образование во земјоделството“, финансиски поддржана од швајцарските проекти Образование за вработување во Северна Македонија – E4Е@мк и Програмата за зголемување на пазарната вработливост – ИМЕ.