ДИГИТАЛЕН САЕМ ЗА СРЕДНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ

ДИГИТАЛЕН САЕМ ЗА СРЕДНО СТРУЧНО ОБРАЗОВАНИЕ

Дигиталниот саем за средно стручно образование претставува иницијатива која ја спроведува Министерството за образование и наука со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, со цел промоција и унапредување на средното стручно образование и обука. Со цел информирање на деветтоодделенците и нивните родители за можностите кои ги нудат средните училишта за стекнување на стручни вештини и соодветно вработување по завршување на средното образование, проектот Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк и Македонскиот Центар за Граѓанско Образование го реализираат дигиталниот саем за средно стручно образование.

Соочени со Ковид пандемијата, дигитален саем за средно стручно образование е засега најбезбедната форма за информирање на деветоодделенците од целата земја и нивните родители за можностите кои ги нудат средните стручни училишта и компаниите. Во иднина ќе се реализира и саем за стручно образование со физичко присуство, на кој компаниите и стручните училишта ќе им овозможат на учениците да бидат дел од одредена струка, преку практични примери и реална примена на професијата.

Преку илустративни примери од поголем број на занимања кои се денес исклучително барани на пазарот на труд, дигиталниот саем ја потенцира можноста за реализирање на кариерен избор преку стручното образование, преку кое ученикот добива можност за практична обука во компанија и поддршка од обучени ментори. Преку видео сесии, младите се запознаат со образовните програми на повеќе средни стручни училиштата, а имаат и можност да проследат конкретни примери на успешни средношколци кои избирајќи средно стручно образование станале успешни електро и машински техничари, готвачи, мехатронички и транспортни техничари.

Дигиталниот саем вклучува и отворени дискусии на теми поврзани со изборот на идна кариера, како и презентации на можностите за образование и обука кои ги нудат компаниите кои имаат дуални паралелки во повеќе средни училишта. Целокупната програма е дизајнирана на забавен, интересен и интерактивен начин да го доближи средното стручно образование до младите кои завршуваат основно образование.

Дигиталниот саем е платформа за запознавање на идните средношколци со широкиот избор на професии кои ги нуди средното стручно образование и уште поважно понудата на кариерни можности. Дигиталниот саем заедно со социјалниот дијалог и кампањата „Учи паметно, работи стручно“ придонесуваат кон целта повеќе млади лица да се стекнат со квалитетно стручно образование и обука кое придонесува за подобро и пристојно вработување.

Дигиталниот саем за средно стручно образование е достапен на следните линкови:

Прв Дел: https://www.youtube.com/watch?v=j6QX_j2ueX0
Втор Дел: https://www.youtube.com/watch?v=NIlgWWJWFHo

Наскоро, дигиталниот саем ќе биде достапен на сите наставни јазици во Република Северна Македонија.