Триесет претставници од државни институции кои се надлежни за стручното образование и обука учествуваа на обуката „Преку квалитетни истражувања до подобри образовни политики“, реализирана од Институтот за стратешки истражувања и едукација (ИСИЕ).
Обуката се реализираше во рамки на проектот Образование за вработување во Северна Македонија од 15 до 17 јули во Скопје. Целта на истата беше да се зајакнат капацитетите на претставници од Министерството за образование и наука, Државниот просветен инспекторат, Центарот за средно стручно образование, Центарот за образование на возрасни како и Стопанската комора на Македонија. Имено, идејата на обуката беше да се потенцира колку е важно креирањето и донесувањето на образовните политики да биде засновано на докази.
Покрај теоретските објаснувања на клучните поими, пристапи и трендови во истражувањата во општествените науки, низ бројни вежби и активности, обучувачите ги водеа учесниците низ процесот на истражувањето: од формулирање на проблем и истражувачко прашање, формулирање на хипотеза, избор на најсоодветни истражувачки методи, ризици при истражување, формулирање на прашања за анкета и понудени одговори, до формулирање на препораки на база на добиените резултати од спроведено истражување.