Макстил го промовира концептот на Циркуларната економија преку проектот на M6 и Хелветас

Макстил го промовира концептот на Циркуларната економија преку проектот на M6 и Хелветас

Од старо користено железо, без црпење природни ресурси, со преработка на начин којшто го минимизира влијанието врз животната средина и со добивање производ од секундарна суровина, Макстил целосно ја применува циркуларната економија. При примената на овој бизнис модел, Макстил во процесот на производство речиси целосно го елиминира индустрискиот отпад со повторна употреба на отпадниот материјал и неговото реинтегрирање во понатамошни производствени циклуси, при што добива нова форма и се зголемува неговата вредност.

Посета на Челичарницата на Макстил

Претставувањето на процесот на циркуларна економија е дел од проектот за поттикнување на приватниот сектор како движечки фактор во одржливиот економски раст. Примената на иновативни процеси води до развој на вештини и отворање на нови работни позиции, овие активност се поддржани од страна на М6 едукативен центар и Макстил, како една од 27те водечките македонски компании во соработка со Швајцарска амбасада и организацијата Хелветас преку проектот „Образование за вработување“.

„Одржливиот економски раст доаѓа како резултат и придобивка од работењето според принципите на циркуларната економија, која што пак се темели врз примена на еколошки, општествено одговорни и иновативни практики. Во Макстил со имплементирање на иновативни технолошки процеси докажавме дека челикот не само што има клучна улога во циркуларната економија туку произведен на одржлив начин може да биде и „зелен“, односно може да се користи повторно, одново да се произведува, да се рециклира и да се елиминира употребата на природните ресурси. Од ваквите производни процеси произлегува одржливоста и идниот економски раст, за компанијата но и за индустријата во целост, затоа што начинот на работа на една компанија и производот што го пласира се одразува врз целокупната економија“, истакна Марија Дуковска-Павловска, генерална директорка на Макстил.

Марија Дуковска-Павловска, генерална директорка на Макстил

Швајцарската амбасада како силен поддржувач на економскиот раст, на зачувувањето на природата и рационалното управување со природните ресурси, во работата на Макстил гледа пример на иновативна и компанија насочена кон одржлива иднина.

„Развојот на вештини и иновации се од суштинско значење за поттикнување на одржливиот економски раст. Активното вклучување на приватниот сектор, особено на иновативните компании, е клучно за поттикнување на развојот на вештини кои се двигатели на економски раст и развој. Економскиот напредок мора да се усогласи со еколошката одржливост, правејќи ја циркуларната економија клучна компонента. Швајцарија стои како силен застапник и за принципите на циркуларната економија и за развој на вештини. Во соработка со различни засегнати страни, Швајцарија ја поддржува Северна Македонија во спроведувањето на практиките на циркуларна економија, подобрување на ефикасноста на ресурсите и минимизирање на отпадот“, истакна Кармен Тонисен, регионална советничка за животна средина од Швајцарската амбасада.

Кармен Тонисен, регионална советничка за животна средина од Швајцарската амбасада

„Дополнително, инвестирањето во образованието и едукација за одржливост, гарантира дека работната сила е опремена со потребните вештини за да напредува во циркуларната економија. Со давањето приоритет на образованието, младите луѓе се помогнати да развијат кариери кои се залагаат за заштита на животната средина и кои што даваат позитивен придонес за одржлива иднина“, додава Тонисен.

Стратешки партнер за спроведување на проектот „Ангажирање на приватниот сектор” е и Едукативниот центар М6 како институција која инспирира доживотно учење и развој во време на агилни промени и дигитална трансформација.

Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативен центар

„Во рамките на овој проект М6, заедно со уште 27 компании сме двигатели на промени во општеството. Заедно развиваме и организираме обуки за средно ниво на менаџмент и преквалификација и доквалификација на работната сила во државата. Денешниот настан е во насока на нашата стратегија за поддршка на компаниите во развојот на зелени вештини кои ќе допринесат кон полесна адаптација на истите кон попродуктивно работење, влез во циркуларна економија и спроведување модерни ESG практики. Ги повикуваме и останатите компании кои сакаат да направат позитивни промени во нашето општество да се вклучат во проектот“, изјави Елена Младеновска Јеленковиќ, извршен директор на М6 Едукативен центар.