Надминување на предрасудите за попреченост со топла шолја кафе

Надминување на предрасудите за попреченост со топла шолја кафе

Угостителските обуки за лица со попреченост се дел од активностите на швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија“. Триесет лица беа обучени да станат келнери, бармени и готвачи и многумина од нив беа вработени веднаш по завршувањето на обуката. Еден од нив е Живко Костески, келнер во кафе-бар во Скопје.

E4E@мк – Вообичаен работен ден на Живко позади шанкот во кафе-барот „Амбрела“ ©FDFA

Богатиот мирис на свежото сварено кафе ги пречекува гостите кои влегуваат во кафе-барот „Амбрела“ во градскиот трговски центар во Скопје. Иако е доцна наутро и вообичаеното време за кафе е веќе поминато, во кафе-барот има неколку гости. Приближувајќи се прилично срамежливо, дваесет и две годишниот келнер Живко Костески ја зема нарачката од една од масите. Додека тој му ја повторува нарачката на муштеријата за да се увери дека добро ја разбрал, неговиот колега Берат Јакупи ја подготвува машината за еспресо за следните нарачки. Живко, кој го заврши своето средно образование во средното угостителско училиште „Лазар Танев“, пронајде нешто што ужива да го работи.

„Сонот на Живко се оствари кога започна да работи овде, барем така вели тој и тоа е она што ми е важно“, вели Марјан Петров, менаџерот на кафе-барот „Амбрела“. „Тој беше упорен да го научи секој трик што треба да се знае при послужувањето и комуникацијата со гостите и тој успеа и покрај неговата попреченост. Служењето кафе или презентирањето на некое јадење од нашето мени со голема насмевка на лицето е само уште еден воообичаен ден од работата на Живко“.

Но, пред да ја добие шансата да го покаже својот талент, Живко не можеше да најде работа. Започна да бара работа веднаш после завршувањето на средното образование, но вообичаеното и учтиво одбивање гласеше: „Во моментов, не ни требаат келнери“! Живко знаеше дека на рестораните им треба стручен персонал, па затоа никогаш не се откажа од својот сон да стане келнер или шанкер, па дури и готвач.

И покрај неговата диплома по угостителство, Живко верувал дека стекнувањето нови вештини ќе го направи поконкурентен на пазарот на трудот. Во почетокот на 2019 година, Живко ја доби својата шанса. Компанијата Мастер Протекшн преку својата подружница DownForYou организираше обука за лица со попреченост под менторство на Софија Георгиевска, вонреден професор по социјална работи и социјална политика на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје. Обуката беше фокусирана на послужување, готвење, барменство и комуникација со гостите и беше прилагодена на можностите на група од 30 лица со попреченост.

„Во соработка со Агенцијата за вработување во Северна Македонија, се обративме до приближно 150 млади лица со попреченост и нивните семејства, од коишто 30 дојдоа на обуката. Овие обуки многу им значат, бидејќи тие им го пружаат социјалното внимание што ретко кој им го дава, а дополнително ја користат можноста да се стекнат со стручни вештини. Да се ​​добие работа после ваквата обука е вистинскиот „лек“ кој им треба”, вели Софија Георгиевска, којашто ги организираше обуките.

Живко има попреченост од аутистичен спектар. Тој не пропуштил ниту еден час од обуката, со многу поддршка од неговите родители и неговата девојка. По завршувањето на обуката, тој конечно ја доби својата шанса. Кафе-барот „Амбрелa“ го согледа потенцијалот на Живко и му понуди работа, спојувајќи го со Берат, искусен бармен, кој има значително оштетување на видот и албинизам. И покрај секојдневните тешкотиите во борбата против својата попреченост, Живко и Берат исто така се соочуваат со општествените пречки, борејќи се да не бидат социјално исклучени.

„Неговата насмевка го прави кафето уште подобро. Нивото на посветеноста на Живко во работата е зачудувачко, посакувам сите келнери да беа како него“, рече редовен гостин во барот.

Имајќи предвид дека бројот на вработени лица со попреченост во Северна Македонија е многу мал, неколку понудувачи на обуки, организации за лица со попреченост и компании го трасираат патот со организирање на обуки за стручни вештини.

Обуката за угостителство којашто ја посетуваше Живко беше поддржана од проектот на Швајцарската агенција за развој и соработка „Образование за вработување во Северна Македонија – E4Е@мк“. Организирана во рамките на Фондот за можности на Е4Е, обуката резултираше со вработување на 6 лица со попреченост во ресторани и хотели. Оваа година, Фондот за можности на Е4Е стана дел од Оперативниот план за вработување на Министерството за труд и социјална политика, а се фокусира на давање поддршка за стручни обуки коишто водат до вработување.