Не станува збор само за колку работни места и за кого, туку и за каков вид на работни места

Не станува збор само за колку работни места и за кого, туку и за каков вид на работни места

Од: Зенебе Б. Урагучи – 12 мај 2019 година

Кога станува збор за вработувањето, ајде да бидеме реални, имаме тенденција повеќе да се грижиме за бројот на создадени работни места. Да прашаме политичар кој повторно се кандидира на избори или менаџер на проект кој подготвува годишен извештај за вработување …

Следи потоа кој ги добива работните места – мажи, жени, луѓе од руралните средини, етнички малцинства, млади луѓе. И покрај долгогодишните дискусии, видот на работните места – квалитетот на работата – се чинат последни.

Мислам дека е крајно време да се адресира овој погрешен приоритет.

…. Но, што ја прави работата „квалитетна работа”?

Меѓународната организација на трудот (МОТ) веќе долго време ја промовира агендата за пристојна работа. Со ризик од прекумерно упростување, се се сведува на аспирациите што луѓето ги имаат во својот работен век. МОТ издвојува десет суштински елементи кои вклучуваат соодветна заработувачка или пристоен приход, подобри можности за личен развој, безбедност на работното место и друго. Агендата за пристојна работа е вклучена во Целите за одржлив развој (ЦОР), но со специфична цел.

И додека поголемиот дел од индикаторите за квалитетот на работа се опипливи (на пример, платите), други остануваат отворени за толкување (на пример, работата ги исполнува работните преференци – т.е. работа онаква каква што работникот ја доживува). Понекогаш, повеќето индикатори истовремено можат да бидат и објективни и субјективни во зависност од контекстот и поединците. Со други зборови, квалитетот на работата е онолку континуум колку што е и цел и не постои една единствена метрика за истата да се измери.

Минималната плата или приход може да послужат за да се измери соодветниот приход (компензација и бенефиции). Како пример ќе го земеме истражувањето од мај 2019 година во индустријата за облека во Етиопија која исплаќа најниска плата за производство на облека од која било друга земја во светот: 26 долари месечно! Ова е помалку од еден долар на ден. Разликата со другите земји е исто така астрономска – Кенија на пример 207 $!

Полесно е да се критикуваат земјите во развој или земјите во транзиција поради лошиот квалитет на работа. За некои работници во Европа или Северна Америка ситуацијата не е многу подобра. Сте слушнале ли за терминот „вработени сиромашни”? Се однесува на луѓе кои „поминуваат 27 недели или повеќе на пазарот на трудот во текот на една година, или работејќи или барајќи работа, но чии приходи паѓаат под нивото на сиромаштијата”. Во 2014 година, 10% од европските работници биле изложени на ризик од сиромаштија, наспроти 8% во 2007 година.

И зошто треба повеќе да се грижиме за квалитетот на работата

Потполно сум свесен дека е подобро да најдам вработување отколку спротивно. И покрај застрашувачките бројки на невработеност, доколку истите подобро ги погледнеме, ќе видиме дека повеќе од било кога луѓето работат. Точно е исто така дека постојат повеќе работни места отколку невработени или луѓе кои бараат вработување. Се очекува ваквиот тренд да се смени со менување на природата на планот на работа – во пораст се нови модели на вработување (скратено работно
време, привремена работа, сопствена работа); расте и неформалната и неплатена фамилијарна работа.

На памет ми паѓаат следниве убедливи причини зошто квалитетот на работните места треба да го сфатиме посериозно.

Работата ни дава цел, благосостојба и социјални врски: едно истражување од 2018 година спроведено во Северна Америка покажува дека девет од десет луѓе се подготвени да заработуваат помалку пари, но да извршуваат позначајна работа. Не мислам дека агендата за пристојна работа е луксузна аспирација ограничена само на развиените земји, туку е за сите нас – било да сме Етиопјани, Бразилци, Американци, Индијанци, Швајцарци или од Фиџи – вработувањето има силно влијание врз нашата благосостојба. Луѓето работат подолго време – било на работно место или дома, платено и неплатено.

Квалитетот на работното место е важен двигател за зголемено учество на работната сила, продуктивноста и економските перформанси: со други зборови, тоа влијае на луѓето да изберат да работат, да дадат отказ, но и колку да се вложат во работата. Неплатената работа, родителското отсуство, правните бариери, социјалната заштита и дигиталниот јаз се фактори кои го одредуваат учеството на пазарот на трудот од страна на жените и мажите. Една неодамнешна студија покажува дека околу 300 милиони работници на глобално ниво живеат во екстремна сиромаштија, вклучувајќи и 40% од сите работници во земјите во развој. Пристојната работа не е само социјално добро, туку деловна неопходност. Се е до луѓето: подоброто разбирање за квалитетот на работните места ги става луѓето и нивните животи во центарот на дискусијата. Луѓето се повеќе го доведуваат во прашање значењето на економскиот раст кога гледаат дека одредени лица во општеството се збогатуваат, а други пак работат се понапорно и потешко само за да го одржат својот животен стандард. Фрустрацијата може да доведе до миграција или општествена фрагментација. Токму затоа Целта 8 на ЦОР се однесува на пристојна работа и економски раст за да се промовира инклузивен и одржлив економски раст, вработување и квалитет на работа за сите. Освен тоа, зголемената свест на потрошувачите и улогата на синдикатите и социјалните движења вршат притисок врз работодавачите за решавање на експлоататорските и штетни практики.

Од зборови на дела

Како што можете да забележите од погоре изнесеното, страствен сум кога станува збор за оваа тема. Истовремено признавам дека иако е направено многу, обезбедувањето и мерењето на квалитетот на работата е комплексна задача. Потребни се заеднички напори на засегнатите страни. Еве неколку начини за подобрување на условите. За почеток, квалитетот на работата е во суштина политика на трудот / регулаторно прашање. Активните и пасивни политики на пазарот на трудот треба да обезбедат средина која е поволна за развој и за развивање на вештини во согласност со потребите на пазарот. Конкретен пример за тоа е пополнување на регулаторните празнини и подобрување на програмите за социјална заштита. Ова станува итно бидејќи светот на трудот се менува кон нестандардни форми на вработување – привремено вработување, работа со скратено работно време и дежурство и  привремена агенциска работа. Иако дава флексибилност, истовремено може да ги изложи работниците на ризични и нестабилни работни услови. Второ, работодавачите, главно претпријатијата од приватниот сектор, треба да го имаат предвид квалитетот на работните места повеќе одошто почитувањето на регулаторните барања. Тука се јавува и еден бизнис аспект. Инвестирањето во подобри работни услови се исплатува. Некои примери вклучуваат создавање на вредност (квалитет и продуктивност / ефикасност); деловна еластичност (кохезија на работно место и желба за иновации, зголемена доверба на клиентите); и раст и управување со ризик (недостаток на вештини, обрт на средства, продуктивен капацитет).

Трето, едно од мерењата на квалитет на работните места е способноста на работниците да имаат слобода на здружување и право на колективно договарање. Светскиот извештај за вработување и социјални перспективи на МОТ во 2019 година прикажа една мрачна слика, дека „милиони луѓе се принудени да прифатат несоодветни работни услови”.

Соработката за развој придонесува кон горенаведените напори во смисла на подобро разбирање на основните причини, поддршка на актерите за подобро координирање и извршување на своите функции, како и придонес кон мерење на она што функционира, но и на она што не функционира и зошто е тоа така.