Стапката на невработеност кај младите во Република Северна Македонија е висока, додека од друга страна на компаниите им недостасуваат квалификувани работници. Домашните и странските компании во Република Северна Македонија сигнализираат дека на пазарот на трудот во земјава недостасува млад, мотивиран и квалификуван кадар, кој може веднаш да се вработи и да работи ефикасно. Неусогласеноста помеѓу потребите за работна сила на компаниите и застарените профили генерирани од образовниот систем значеше дека системот, особено стручното образование и обука, мораше да се прилагоди на потребите на пазарот на трудот, додека компаниите требаше да инвестираат во својата идна работна сила, со вклучување во дуалниот образовен систем за стручно образование и обука.

Во 2019 година, државните институции како што се Министерството за образование и наука (МОН), Центарот за стручно образование и обука (ЦСОО), коморите и бизнис здруженијата, поддржани од Владата на Швајцарија, почнаа да го унапредуваат системот за стручно образование и обука во земјата за да им овозможат на младите да се здобијат со пазарно ориентирани стручни вештини и отпочнаа дијалог со компаниите за унапредување на практичната обука за учениците во компанија. До 2022 година, сите клучни чинители работеа со поголем број на компании за да воспостават дуални паралелки за стручно образование, да ја зајакнат практичната обука на ученциите во компаниите, да ги поддржат партнерствата помеѓу приватните и јавните актери на ниво на политики и на имлементациско ниво, кои заедно беа поддржани од социјалниот дијалог и кампањата за јавно информирање насловена „Учи паметно, работи стручно“.
Накратко, кампањата „Учи паметно, работи стручно“ се состои од неколку компоненти, каде една компонента е социјалниот дијалог во кој општините и локалните училишта за стручно образование и обука се состануваат со компаниите од локалниот приватен сектор за да разговараат за потребата од отворање на нови дуални паралелки во училиштата за стручно образование и обука, додека другите компоненти се однесуваат на промоција на стручното образование и обука кај младите, како перспективен пат за образование и кариера. Од 2019 до 2022 година, социјалниот дијалог и кампањата се спроведуваа под раководство на Министерството за образование и наука, Центарот за стручно образование и обука и Стопанската комора на Северна Македонија, со поддршка на Владата на Швајцарија преку проектот Образование за Вработување во Северна Македонија – E4E@мк. До 2022 година, целокупниот напредок на системот за стручно образование и обука, поддржан од социјалниот дијалог и кампањата, резултираше со:
- Вклучување на над 500 компании во дуалното образование.
- Вклучување на 61 средно стручно училиште во дуалното образование.
- Воспоставување на над 250 дуални паралелки во средните стручни училишта.
- Упис на над 4800 ученици во дуални паралелки на државно ниво.
- Вклучување на над 60 профили и 14 сектори во дуалното образование.
“Реформите во средното стручно образование, поддржани од „Учи паметно, работи стручно“ што се спроведува секоја година, се успешни поради интензивниот дијалог меѓу општините, бизнис секторот, државните институции вклучително и Министерството, како и училишниот персонал. Од 2023 година општините прават чекор напред и го организираат процесот сѐ до целосна синхронизација на системот со пазарот на трудот, па и понатаму. Резултатите зборуваат сами за себе, веќе потврдени со Извештајот на Европската комисија за 2022 година[1]“, изјави министерот за образование г-дин Јетон Шаќири.
Бидејќи промоцијата на средното стручно образование и обука, како и дијалогот помеѓу приватниот и јавниот сектор треба да биде постојан и оддржлив, неизбежно беше процесот на „Учи паметно, работи стручно“ да се префрли од национално на локално ниво каде општините, како главни двигатели на локалниот економски развој, би можеле да станат носителите на самиот процес. Обучени преку работилници за пренесување на процесот на локално ниво, општините го направија следниот чекор и го презедоа процесот кој вклучува:
- Спроведување на пазарна анализа за потребите од работна сила на локалните компании и нивната подготвеност за практична обука на ученици на локално ниво.
- Организација на самиот социјален дијалог, каде што локалните компании се поканети да ги наведат идните потреби на пазарот на трудот.
- Медијација на состаноци помеѓу училиштата и компаниите за воспоставување на партнерства.
- Поддршка на отворените денови за промоција на средното стручно образование и обука и достапните двојни часови.

Почнувајќи од февруари 2023 година, повеќе од 24 општини спроведоа анализи на локалниот пазар за потребите на работната сила во приватниот сектор и организираа настани за социјален дијалог, повикувајќи ги локалните компании да излезат со предлози за потенцијални дуални паралелки за стручно образование и обука, кои би можеле да се формираат за учебната 2023/2024 година. Настаните што беа организирани од општините се очекува да резултираат со предлози за нови дуални паралелки, врз основа на меморандуми за соработка потпишани со компании од приватниот сектор. Настаните за социјалниот дијалог, исто така, овозможија да се отворат и дискусии за актуелни прашања кои го попречуваат натамошното унапредување на образовниот систем, како што се сè уште неусвоените закони за средно образование, стручно образование и обука и образование на возрасни, кои се сметаат за предлог закони од примарна важност за унапредување на СОО.

„Сосема е очигледно дека пазарот на труд има потреба образовниот систем да одговара на побарувачката за работа. Учениците го препознаваат стручното образование и обука како можност за кариера, а компаниите стануваат посвесни за практичната обука на учениците како решение за проблемот со квалификувани работници. „Учи паметно, работи стручно“ поддржана од Швајцарската агенција за развој и соработка се покажа како успешен модел за создавање подобри услови за стручно образование и вработување на младите. Поради ова, општина Охрид презема иницијатива и понатаму ќе го спроведува процесот на локално ниво“ – изјави градоначалникот на Охрид, г-дин Пецаков.

Трансферот на социјалниот дијалог и кампањата на локално, односно општинско ниво се смета за позитивно, но очекувањата од севкупниот процес се обемни и ќе се очекуваат понатамошни унапредувања, имајќи предвид дека општините се одговорни за локалниот економски развој и можат директно да влијаат на атрактивноста на стручното образование и обука кај младите. Проектот E4E@мк, заедно со Владата на Швајцарија продолжуваат со системска поддршка на стручното образование и приватниот сектор, со цел да се постигне оддржливо и квалитетно дуално стручно образование, вработување за младите и квалификувана работна сила за компаниите за да ја подобрат својата конкурентност, дома и во странство.
[1] https://neighbourhood-enlargement.ec.europa.eu/system/files/2022-10/North%20Macedonia%20Report%202022.pdf, стр.88