ОДГОВОРНА ИДНИНА – повеќе од проект, повеќе од успех

ОДГОВОРНА ИДНИНА – повеќе од проект, повеќе од успех

Во периодот јануари – јуни 2021 година, македонското модно здружение „Концепт моден кластер“ го реализираше проектот „ОДГОВОРНА ИДНИНА“, менторски и истражувачки проект во полето на инклузија, занаетчиство и мода, дизајниран за учениците со оштетен слух од државниот училиштен центар „Партенија Зографски“ во Скопје.

Македонското модно здружение (ММЗ) имаше за цел на младите да им обезбеди можности за иднина без ограничувања, бидејќи сите заслужуваат шанса да се вљубат во учењето.

Група од 30 ученици работеа со голем број на ментори, професори, уметници, врсници, волонтери од заедницата и универзитетски практиканти. Сите реализирани активности се насочени кон овие млади лица, со цел да ги развијат неопходните стручни вештини за вработување.

Црпејќи инспирација од културното наследство, ММЗ ги развиваше иновациските капацитети на учениците, додека големиот број на практични работилници значително помогнаа во градење на знаењата и вештините на учениците.

Модерната стручна програма им даде стручна основа на учениците, со којашто ќе можат да се насочат кон посакуваното образование или кариера во рамки на посакуваната професија.

Покрај проектот Образование за вработување во Северна Македонија – E4E@мк, реализацијата на активностите беше поддржана од организацијата Open Style Lab, институтот Istituto Marangoni London School и други институции и организации, што ја збогати приказната со многу повеќе содржини и квалитет.

При реализацијата на сите активности, особено работилниците за практична обука, ММЗ ги применуваше сите безбедносни мерки за заштита и превенција од COVID-19.

Во рамки на проектот „Одговорна иднина“, младите креативци создадоа оригинални, уметнички и експериментални дела за време на едукативните работилници за мода, традиционално грнчарство, современа керамика, модерна обработка на дрво, продуктен и графички дизајн.

Посетата на Музејот на Република Северна Македонија во Скопје го означи почетокот на патувањето за промена на начинот на инспирација за новата генерација. Целта беше учениците да се приближат до традициите и да им се пренесат вредностите на наследството, премостувајќи ги минатото, сегашноста и иднината. Посетата ги отвори нивните погледи кон различни идеи и перспективи, градејќи основа за креативност и критичко размислување. Во насока на зачувување на културното наследство, ангажирањето на младите е клучно за одржливоста. За да се охрабрат и бидат проактивни во неговото истражување и промовирање, на учениците им беа дадени креативни задачи како поттик за нивната имагинација, што е составен дел од програмата.

Програмата за модно стручно образование започна под менторство на познатата дизајнерка Ирина Тошева и професорот Љубиша Савески. Истата беше внимателно дизајнирана за младите лица со оштетен слух да развијат вештини за визуелизација, способности за цртање, внимание на детали и познавање на материјали, шиење, плетење и техники за правење кроеви, вклучувајќи и маркетинг и рекламна промоција, што е од суштинско значење за кариера во модната индустрија. Крајниот резултат од акцискиот план на проектот е капсулна колекција изработена од учениците.

Едукацијата за одржливост им отвори можности на младите да научат и да се вклучат во постојните локални и глобални движења, како и да им помогне да ги развијат сопствените вештини и интереси за поодржлив начин на живот и дизајн. Растечкиот тренд кон рециклирана и етички дизајнирана облека не придонесува само кон „позелена“ планета. Денес, образованието за одржлив дизајн може да претставува значителна предност за вработување во креативната индустрија. Користејќи исклучиво стари текстилни остатоци кои подоцна се имплементираат во финален производ во рамките на капсулната колекција, учениците максимално го искористија потенцијалот со нула отпад за животната средина.

Црпејќи инспирација од посетата на Музејот на Република Северна Македонија и богатото културно наследство, учениците имаа задача да ги возобноват традиционалните носии со современ пресврт. Под менторство на дизајнерката Ирина Тошева и професорот Љубиша Савески, работилница за модната група беше посветена на оживување на етноелементите и нивно комбинирање на модерен начин, преку скицирање на имагинативни парчиња облека и додатоци.

Во текот на модната работилница, учениците се запознаа и со работата со текстил, начини на доработка и правење на кроеви. Потоа учениците ги демонстрираа своите знаења и вештини, создавајќи ги првите мустри на машина за шиење. По комплетирањето на оваа работилница, учениците се посветија на капсулната колекција со одржлив дизајн, која претставува модерна интерпретација на македонската традиционална носија.

Со посета на студиото за производство на модерeн мебел Rinocca, групата ученици започна со потрагата по нови знаења и практични вештини за обработката на дрво како дејност. Под менторство на дизајнерката Катерина Трпковска и инженерката Деспина Здравкова, тие се запознаа со основите на современата дрвна индустрија, односно како тече процесот на создавање на едно парче мебел – од идеја до реализација. Потоа и самите се најдоа во улога на „дрводелци”, креирајќи го првин нацртот за нивниот прв изработен продукт од дрво, заедно со професорoт по ликовна уметност Игор Китановски. По автоматизираната компјутерска продукција, тие со рачна доработка дадоа крајни финеси.

Понатаму, учениците се запознаа со древните техники на традиционалното грнчарство, благодарение на Слободан Столески од селото Вранештица, кој се смета за еден од најдобрите мајстори во овој прастар занает.

Грнчарските предмети се украсени со древни средства како бои, графит, релјефни мотиви, и со нивните различни форми и богати украси, тие оставаат впечаток на добро развиено чувство за уметност и имагинација. Со поддршка од проектот Образование за вработување во Северна Македонија – E4E@мк, беа обезбедени три наменски изработени грнчарски колца, кои остануваат во трајна сопственост на училиштето, за и во иднина младите да се обучуваат и надградуваат во оваа дејност.

Со експериментален час за запознавање со современата керамика, учениците ги продолжија своите активности за работа со глина под менторство на нашата позната керамичарка, архитектка и поетеса Анета Попова од студиото LIPA ceramics, со цел да ги подобрат нивните ликовни вештини и да се поттикне нивниот афинитет за дизајн.

Во процесот на создавање на современ керамички продукт со сопствена реинтерпретација на етно принтовите, младите црпеа инспирирација од дигитални обрасци на дезени, поточно извадоци од женската кошула од Мариово, свилена и плетена облека од Струга, како и везовите на носии од регионот на Тетово.

Во соработка со Џенет Сартор, предавач за моден дизајн и истражување при Istituto Marangoni, учениците зедоа учество во интерактивната онлајн работилница чија што цел беше да ги модернизираат традиционалните костими и културното наследство преку колажни техники. Комбинираа лични слики на членови на семејството во традиционална облека, исечоци од народни носии прикажани во македонската кинематографија, како и фотографии од современи парчиња од модните списанија.

Со едукативна посета на производствениот објект на Калико во Скопје, учениците се запознаа со уметноста и традицијата на фината обработка на метали во нашата земја, под менторство на Ивана Јосимовска, која ги поведе на прошетка низ целокупниот процес на создавање персонализирани и рачно изработени продукти од ковано железо.

Со насоки од тимот на Open Style Lab (OSL) – непрофитна организација посветена на креирање на стил достапен за сите, без оглед на нивните когнитивни и физички способности, учениците го имаа главниот збор за време на интерактивната онлајн работилница „OPEN YOUR (HE)ART“.

Во фокусот беше самопрезентацијата на младите, индивидуално и во тим, презентирајќи ги нивните креативни дела од претходните работилници, поставувајќи разни прашања поврзани со модата, дизајнот, уметноста и занаетчиството, како и добивајќи конструктивни повратни информации за позитивна стимулација и идеи во однос на најдобрите материјали и бои што треба да се користат за специфичните облици и димензии.

Секој од учениците го сподели својот личен став за традиционалните носии, орнаменти, везови, плетива, дрвенарија и грнчарство, односно како овие елементи се поврзани и влијаеле на нив при изработката на современа облека од рециклирани текстилни остатоци, керамички плочки и маски, украсни и функционални глинени предмети, како и линијата рачно изработени дрвени чинии за сервирање.

Изучувањето на продуктниот дизајн нуди широко теоретско знаење и практични вештини кои се неопходни за креирање нови производи. Учениците се запознаа со оваа дејност со пристигнувањето на нивниот нов ментор Анита Гај, основач на добропознатиот бренд Lotus Lounge Chair.

Младите стекнаа разновидни креативни и оперативни вештини, како што се дизајнирање, моделирање, анализа и производство. Создадоа прототипи за лимитирана детска линија на модерни фотелји, црпејќи инспирација од животни кои ја обединуваат нашата историска и културна позадина. По припремата на бои, материјали и форми за изработка на нови прототипи за лимитирана детска колекција на фотелји, учениците пристапија кон изработка на нивните финални продуктни дизајни.

Под менторство на Јана Марковска од креативното студио Do More, учениците имаа можност да се запознаат и со основните елементи и принципи на графичкиот дизајн, кој сѐ повеќе станува актуелен и побаруван во дигиталниот свет како професија.

Од лист и молив, до практична работа на една од примарните програми кои се користат за изработка на графички илустрации – Илустратор (AI), младите го збогатија нивниот образовен профил со нов спектар на знаења и вештини. Имено, тие со голема љубов и посветеност работеа на создавање на првите онлајн стикери, кои се комбинација од знаковен јазик и текст, при што сите имаа прилика да изработат графички приказ за стикер по сопствена замисла.

Стикерите не само што ја збогатуваат и поедноставуваат интернет комуникацијата помеѓу младите лица со попреченост во слухот, туку и им го доближуваат знаковниот јазик на сите останати корисници на социјалните мрежи. Истите се бесплатни за преземање на мобилната апликација Viber од средината на месец април.

Учениците имаа можност да се запознаат и научат уште еден стар занает – плетењето. Валентина Здравевска – Кастратовиќ,  ментор на работилницата и професионален обучувач за рачно плетење и везење со аплицирање на креации, ги сподели знаењата и вештините за оваа древна техника во пракса, помагајќи им на учениците во создавањето плетива како модни детали за групната капсулна колекција, во пресрет на фотосесијата за снимање на промотивниот каталог.

По повеќемесечните обуки на работилниците за мода, плетење, традиционално грнчарство, современа керамика, обработка на дрво, продуктен и графички дизајн, најпосле дојде време оригиналните дела на учениците да бидат презентирани.

Во процесот на изработка на промотивен каталог, менторското дуо Димитар и Андријана Петровски од студиото AD Photography, темелно ги запозна младите со основите на фотографијата како уметничка дејност, подеднакво теоретски и во пракса.

Тие имаа можност одблиску да го видат, но и самите да се вклучат во процесот на фотографирање на нивните финални креации. Предавањето се одвиваше во две етапи: професионална фотосесија со живи модели за моден едиторијал, а подоцна и мртва природа со мали групации на предмети и декорации направени од учениците.

За време на подготовките и во текот на снимањето на модниот едиторијал во рамки на работилницата за фотографија, учениците се запознаа со естетиката на шминката благодарение на визажистката Марија Лазарова.

Се демонстрираа различни стилови и техники кои можа да го променат целокупниот впечаток на модните парчиња и додатоци, префрлувајќи се од еден изглед на друг, за секоја комбинација од нивната заедничка капсулна колекција презентирана на сетот.  Палетата на бои и линиските форми беа инспирирани од експресионистичката уметност на Петар Мазев, претставувајќи омаж на еден од најголемите академски и најзначајни повоени сликари во нашата земја.

Сандра Китановска од модното студио КТН ателје внесе свежа енергија и динамика меѓу учениците кои по малата креативна пауза, ентузијастички ги продолжија обуките за плетење со новата менторка.

Беше одржана и работилница за дизајн на чанти заедно со Мирјана Јосифоска, студентка на  Американскиот универзитет на Еврoпа-ФОН, каде што младите се запознаа со различнa техникa за плетени изработки на модни аксесоари како надополнување за капсулната колекција што беше презентирана.

Инспирирани од нашиот богат фолклор, колорит и орнаменти, учениците најпрво имаа предизвик да ги изберат омилените дезени од традиционалните килими, а потоа и да ги пресоздадат нацртаните скици на мрежа со волница и игли за плетење. Финалниот резултат беа оригинални чанти со стилизирани принтови, во целост направени од вештите раце на учениците.

Дигиталната компетентност е витална вештина за младите  во  дваесет и првиот век, бидејќи е од суштинска важност за учење, работа и активно учество во општеството. Таа подразбира специфични способности за справување со новата технологија, но и пошироки способности за примена на технологијата и дигиталните форми на соработка и информации во класичните професионални, социјални или културни активности.

За време на онлајн работилниците „Од дигитална писменост до дигитална компетентност“ под менторство на Сашко Павловски, коосновач на MSP MyServerPlace, учениците се здобија со вреден сет на теоретско знаење и практични вештини во оваа област.

Учениците беа запознаени со WordPress со цел да создадат нивна сопствена веб-страница за самопрезентација и промоција на сите дизајни и уметнички дела што претходно ги направија во рамки на проектот „RESPONSIBLE FUTURE: CRAFTING YOUTH EMPOWERMENT“.

Македонскoто модно здружение има за цел на младите да им обезбеди можности за иднина без ограничувања, отворајќи ги хоризонтите и будејќи ги вродените таленти на секој yченик. Предводени од мноштво ментори, професори, поканети врсници, волонтери од заедницата и универзитетски практиканти од разни креативни дејности, учениците во изминатите шест месеци колективно истражуваа како да ги вкрстат занаетчиските и модните референци со личните преференци. Црпејќи инспирација од културното наследство од нашето минато, се развиваа и иноваторите на нашата иднина, преку програмата за современо учење, во соработка со швајцарскиот проект Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк.

Сите дела се создадени со многу љубов, енергичност и посветеност на талентираните ученици под менторство на уметницата Анета Попова (современа керамика), мајсторот-занаетчија Слободан Столески (традиционално грнчарство), дизајнерката Ирина Тошева и професорот Љубиша Савески (мода), тандемот Катерина Трпковска и Деспина Здравкова од „Rinocca“ (модерна обработка на дрво), Анита Гај од „Lotus Lounge Chair“ (продуктен дизајн), Јана Марковска од „DO:MORE“ (графички дизајн).

Се одржаа и интерактивни работилници со престижната школа Istituto Marangoni од Лондон и непрофитната организација Open Style Lab од Њујорк. Капсулната модна колекција е составена од уникатни модни изгледи со древни македонски имиња, кои се инвентивна реинтерпретација на народните носии и етно мотивите, пресоздадени со употреба исклучиво на фабрички текстилни остатоци и рачни доработки на детали, користејќи ги старите техники на плетење, кои на младите им ги пренесоа Валентина Кастратовиќ, Мирјана Јосифоска и Дана Ќосева.

Финалните производи може да се погледнат во каталогот „RESPONSIBLE FUTURE CATALOGUE“, кој e достапен за јавноста како дигитална публикација, благодарение на соработката со Faktor Trust. Во процесот на негова реализација учествуваа самите ученици, предводени од Андријана и Димитар Петровски од „AniDimi Photography“, како и три млади дизајнерки задолжени за графика: Дијана Атанасовска, Ана Митреска и Ивана Митреска.

https://issuu.com/mfa.mk/docs/catalogue_responsible_future_cf61aa26d8286f

Виртуелната изложба ,,ОДГОВОРНА ИДНИНА” претставува несекојдневно визуелно искуство за приказ на уметничките дела, занаетчиските продукти и модните креации на учениците од државниот училиштен центар „Партенија Зографски” од Скопје.