Практичната обука е еден од главните предуслови за квалификување на кадарот во компаниите, а во таа насока и потребата за поголема вклученост на приватниот сектор во формалното и во неформалното стручно образование и обука, со фокус на практичната обука. Ова е констатацијата од расправата што се одржа во просториите на Стопанската комора на Македонија, во која учествуваа министерката за образование и наука, Мила Царовска; Н.Е. Сибил Сутер Техада, амбасадор на Швајцарија во Република Северна Македонија; Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија; Курт Витрих, тим-лидер на проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“ и претставници на приватниот сектор.
„Во соработка со проектот ‘Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк’, следејќи ги препораките од Швајцарија, како земја која има воспоставено златен стандард во образованието, Министерството за образование и наука создаде краткорочни и долгорочни мерки, кои предвидуваат можност компаниите да создадат тренинг-центри, преку кои ќе можат да обучуваат кадар во согласност со нивните барања и потреби, а ќе се основаат и ВЕТ-центри, кои ќе служат како ресурсни центри за верификација на курсеви и за вклучување на компаниите во нив, како и за преквалификација на кадар во период пократок од една година. Од 2020 година Министерството започна да доделува стипендии за учениците во средните стручни училишта и на тој начин ги афирмираме дефицитарните занимања“, истакна министерката за образование и наука, Мила Царовска.
Во однос на тоа што го прави швајцарскиот модел да биде посакуван и применуван од компаниите во нашата земја, н.е. Сибил Сутер Техада, амбасадор на Швајцарија во Република Северна Македонија, посочи дека швајцарскиот систем на дуално образование е систем во кој програмите во училиштата се обликуваат во согласност со потребите на приватниот сектор, кој е доста флексибилен, што им дозволува на училиштата постојано да бидат во тесна комуникација со компаниите и да ги приспособуваат образовните програми во училиштата во согласност со нивните потреби.
„Стопанската комора на Македонија, како најмоќна бизнис-асоцијација од аспект на генерирање приход и нето-добивка, преку своите членки, што е поткрепено со податоци од Централниот регистар на државата, но, уште поважно, што секој трет вработен во државата е работник во фирмите членки на Комората, била, е и секогаш ќе биде клучниот партнер на Владата и врската меѓу образовните институции и приватниот сектор. Во 2007 година Комората ги детектираше проблемите за недостиг на кадар, врз основа на анализите што ги направи, и уште оттогаш почнува системски да ја третира оваа тема. Последната изработена анализа годинава потврди дека 62 % од компаниите и натаму се соочуваат со недостиг на стручен кадар. Поради тоа, и едно од приоритетните прашања е на кој начин ќе се спроведува уписната политика, притоа земајќи ги предвид анализите на Комората за реалните потреби од квалификации“, посочи Билјана Пеева-Ѓуриќ, в.д. извршен директор на Стопанската комора на Македонија.
„Со нашите компании членки направивме системски документи и стандарди, со кои ги овозможивме примената на образовниот процес и учењето преку работа. За нивните потреби, учествувавме во изработка на 85 образовни програми за квалификации. Најнов придонес во низата е подготовката на програмата за обука на ментори, кои ќе ги менторираат лицата што се на обука во компанија, стандардот за стручен и за друг кадар, како и протоколот за превентивни мерки за изведување практична обука во време на КОВИД 19“, посочи Пеева-Ѓуриќ.
„Во моментов активно работиме и на новиот закон за стручно образование, заедно со Министерството, како и на подготовката на компаниите за реализација на учењето преку работа и за создавање кадар за нивните потреби. Обучивме над 300 ментори и верификувавме над 25 компании. Поттикнавме изработка на софтвер за поврзување на компаниите и на учениците за реализација на учењето преку работа, со што инвестираме и во дигитализација на процесите, при што проектот „Е4Е“ ја поддржа изработката на целосното дигитално решение, а Комората ја администрираше самата платформа“, истакна в.д. извршниот директор на Стопанската комора на Македонија.
Курт Витрих, тим-лидер на проектот „Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк“, пред присутните информираше дека за проектот најважно било дефинирањето на условите за примена на соодветен модел за стручно образование и за обука во земјава, според потребите на приватниот сектор, во соработка со Министерството за образование. „Можеме да користиме елементи од швајцарскиот образовен систем, кои може да се приспособат на економските услови во државава, а за тие потреби развивме упатства за да го олесниме начинот на реализација на учењето преку работа, феријална практика, во услови на КОВИД 19. Преку национална кампања го промовиравме стручното образование. Во соработка со компаниите развивме јавно-приватно партнерство со стручните училишта, а, исто така, инвестиравме и во обучување ментори во компании за непречено одвивање на практичната обука.
Исто така, ги охрабруваме дигитализацијата и користењето ИКТ-алатки во стручното образование, а со Министерството за образование изготвивме и анализа на придобивките и на трошоците (cost-benefit) за компаниите од примена на учењето преку работа, од што јасно се идентификува дека придобивките за компаниите, на долг рок, се големи“, заклучи Витрих.
Програми во рамки на проектот „Образование за вработување“ имаат реализирано и повеќе домашни компании, кои во дискусијата на денешната расправа акцентираа кои се нивните проблеми.
Во руралните и конзервативни средини има потреба од едукација не само за конкретни работни позиции туку и, воопшто, за системот на функционирање на работниците во работниот процес, потреба од обука за тренери, од обука за конкретни работни позиции и слично.
Притоа, компаниите укажуваат дека постојат два сегмента што влијаат врз квалитетот на кадарот: доквалификацијата и преквалификацијата на кадарот, како и континуираната едукација за што поголема конкурентност на постојните кадри во компанијата.
Како заклучно согледување од расправата, директорката Пеева-Ѓуриќ констатираше дека имаме сериозно поместување во позитивна насока како се менаџираат и како се решаваат промените со недостиг на стучен кадар во компаниите. „Потребно е на флексибилен начин да се најде модус за примена на дуалното образование, а Комората, во соработка со проектот, преку своите здруженија и асоцијации ќе продолжи да дејствува и да го проширува опфатот на сектори, за да се постигнат ефекти онаму каде што, исто така, постои дефицит на стручен кадар. Очекуваме преку проектот да се спроведат обуки кои ќе бидат наменети за невработените лица, како и обуки за подигнување на дигиталните вештини како кај невработените лица така и кај учениците“, заклучи Пеева-Ѓуриќ.
Михајло Донев
Соработник во Стопанска комора на Македонија