Пристап до мерките за вработување и намалување на младинската невработеност

Пристап до мерките за вработување и намалување на младинската невработеност

Потреба од измени во законската регулатива за подобри образовни политики

Клубот за младински прашања и политики на Собранието на Република Северна Македонија ја реализираше средбата на тема: „Пристап до мерките за вработување и намалување на младинската невработеност“ со претставници на институциите и државните агенции, како и со граѓанските организации и младинските мрежи.

Во рамките на ‘’Програмата за парламентарна поддршка’’, финансирана од Швајцарската агенција за развој и соработка, средбата овозможи подобар увид во постоечките мерки и програми за вработување на младите од Република Северна Македонија, нивно економско зајакнување.и придонес во обезбедувањето кадар за стопанството.

Стопанската комора на Северна Македонија, како стратешки партнер на проектот „Образование за вработување во Северна Македонија (Е4Е@мк) и преставник на интересите на реалниот сектор за обезбедување стручен и вработлив кадар, ги запозна присутните пратеници и пратенички со напорите на проектот Е4Е@мк,  во однос на стекнување вештини кај младите преку практична обука на реално работно место во компаниите, низ процесот на  формалното, но и неформалното образование, како и младинското вработување и нивното економско зајакнување. Покрај дуалното образование и вклучување на реалниот сектор за премостување на јазот помеѓу понудата и побарувачката на вештини, Стопанската комора на Северна Македонија се осврна и на потребните измени и усвојување на законите кои ќе помогнат за побрза и поквалитетна реализација на овие процеси, но и за поголема вработливост на младите. Стопанската комора ја нагласи потребата од измени и/или усвојување на следните закони:

  • Законот за стручното образование и обука, со кој системски ќе се регулира  дуалното образование, ќе се зголеми финансирањето за стручното образование и ќе помогне во  оптимизирањето на  системот за стручно образование.
  • Законот за работните односи, со кој ќе се дефинира статусот на ученик во работниот процес во компанија и  неговото работно искуство.
  • Законот за образование на возрасните, со кој ќе се олеснат процесите за преквалификација и доквалификација и ќе се уреди процесот на валидација – признавање на предходно знаење и искуство кои го поседуваат поединците стекнато во текот на нивното работење, и
  • Законот за Националната рамка на квалификации, кој е основа на сите реформи во образованието.

Како надополнување на меѓународниот ден на младите, настанот овозможи дискусија на неколку теми кои влијат врз младите во Република Северна Македонија, особено теми поврзани со развојните мерки за вработување и економско зајакнување на младите, подготовка на Стратегијата за млади 2022 – 2027, планирање на ИПА средствата, дигитализација, дуално образование, како и вклучување на реалниот сектор во образовниот процес, како решенија кои директно ги засегаат младите.