Центарот за стручно образование и обука во периодот од 17 до 22 август 2023 година, реализираше серија од осумнаесет работилници на кои професорите од средните стручни училишта заедно со компаниите работодавачи изготвуваа „Програма и план за учење преку работа“. Овие програми се однесуваат на ученици од втора и трета година во паралелки со зголемен број часови по практично образование, т.н. дуално образование.
„Преку заедничко планирање на учењето преку работа, работодавачите ги обучуваат учениците според компетенциите кои се барани во дејноста, а истовремено креираат работна сила која по завршувањето на формално образование е подготвена да се вклучи во работните процеси. Од друга страна, училиштата имаат можност да го поткрепат теоретското знаење со практична обука на реално работно место, со што се унапредува квалитетот и атрактивноста на стручното образование“, велат од Центарот за стручно образование и обука.
На работилниците учествуваа 324 претставници од 52 средни стручни училишта и 3 Регионални центри за стручно образование и обука, наставници по стручни предмети, како и ментори од компании со кои училиштата остваруваат соработка за практично образование. За дел од нив ова е прво вакво искуство, додека дел од учесниците веќе присуствуваа на минатогодишните работилници од ист тип и напоменаа дека се чувствуваат подготвени самостојно да ги планираат активностите за реализација на практичното образование.
Реализацијата на овие работилници беше поддржана од проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ – E4E@мк, кој е поддржан од Швајцарската влада, а го имплементира здружението „Хелветас“. Проектот ги поддржува реформите за стручно образование во земјата и придонесува кон подостоинствено вработување на младите на социјално-инклузивен начин.

