Работна средба за програмата на ментори во компании

Работна средба за програмата на ментори во компании

На иницијатива на Стопанската комора на Македонија, а поддржано од проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ беше организирана работна средба на тема: „Програма за ментори во компании“. На истата присуствуваа претставници од Центарот за стручно образование и обука, Швајцарскиот федерален институт за стручно образование и обука (СФИВЕТ), Министерството за образование и наука, Организација на работодавачите, претставници на бизнис заедницата како и претставници од Коморите и единицата за управување на Проектот: „Образование за вработување во Северна Македонија“.

Дуалното образование не подразбира само зголемување на фондот на часови по практична настава, туку истиот претставува концепт на активна соработка помеѓу компаниите и стручните училишта во облик на јавно приватно партнерство каде компаниите учествуваат во развивањето на образовната програма, изведување на образовниот процес и трансфер на стручните компетенции на учениците.

Пред присутните беше претставен и Швајцарскиот систем на дуално образование со посебен осврт на учењето преку работа. Од страна на Марина Гролимунд, експерт од Швајцарскиот федерален институт за стручно образование и обука (СФИВЕТ) беше нагласено дека во Швајцарија постои долга традиција на вклучување на компаниите во образовните процеси, гледано од аспект на бенефитите кои компаниите ги стекнуваат во насока на обезбедување квалификувана потенцијална работна сила како и самата репутација на компанијата. Таа исто така го презентираше начинот на кој се реализира програмата за ментори во Швајцарија, која изнесува 40 часа и го оспособува идниот ментор со знаења и вештини потребни за работа со ученик преку стручно дидактичка обука која меѓу другото вклучува и познавање на правната регулатива во областа на стручното образование и обука.

За пристапот дидактика базирана на ситуации говореше Емануел Виртих, експерт од СФИВЕТ кој истакна дека во текот на работењето се соочуваме со повеќе работни ситуации кои бараат комбинација од знаења, вештини и ставови за успешно справување со овие работни задачи. За секоја професија се анализираат овие работни ситуации и истите се вградени во курикулумите на програмите на тој начин што обезбедуваме пазарно ориентирани програми.

На оваа работна средба и претходеа низа работилници, трибини и работни групи во кои Стопанската комора на Македонија активно е вклучена во промоција на учењето преку работа и дуалното образование, во насока на воспоставување рамнотежа помеѓу понудата и побарувачката на стручни и квалификувани кадри. Комората како најстара и најбројна бизнис асоцијација ги поддржува и промовира активностите во насока на креирање на образовен систем кој ќе одговара на барањата и потребите на реалниот сектор.