Со цел идентификување на потребите на компаниите и следствено да се одговори на нивните барања од аспект на соодветен кадар, министерството за образование и наука со поддршка на Швајцарската агенција за развој и соработка и проектот Образование за вработување во Северна Македонија – E4E@мк, започна процес на консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата од следната учебна година. Имено, во тек е реализација на 19 регионални средби низ државата, на коишто под слоганот „Учи паметно, работи стручно“, министерката за образование и наука Мила Царовска, претставници од Владата и МОН, градоначалниците и компаниите разговараат за дизајнирањето на наставните програми и уписните политики во средните стручни училишта. Целта на ваквите средби е да се поттикне социјален дијалог меѓу засегнатите страни, којшто би резултирал со усогласување на понудата и побарувачката на работна сила, односно создавање на стручен и квалитетен кадар.
На ваквите регионални средби претходеше анализа спроведена од министерството за образование и наука, која даде јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите и подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво. Од анализата се утврди дека е потребно да се излезе на терен и да се разговара со голем број на чинители кои можат да го поддржат унапредувањето на стручното образование и обука. Со анализата беа опфатени 450 компании од цела држава, од кои дури 85 % се изјаснија дека се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, нешто што е многу важно за создавање на стручен и квалитетен кадар.
Процесот на консултации започна со настани во Свети Николе и Штип. На овие настани присуствуваа претставници од компании кои многу јасно ги изразија своите потреби за стручен кадар, особено за потребите на месната индустрија но и други стопански гранки кои го чувствуваат недостатокот од стручен кадар, особено на локално ниво.


„Разговараме кои се нивните реални потреби од одредени профили кои недостигаат со години наназад на компаниите, и можностите за нив да се отворат паралелки во средните стручни училишта. За првпат влегуваме во интензивно преговарање со компаниите, стопанските комори и средните стручни училишта со цел да го обезбедиме бараниот стручен кадар, но и да ја зголемиме вработливоста на младите“, изјави Царовска.


Велес, Кавадарци и Неготино како локални самоуправи силно ја нагласија потребата од соработка помеѓу приватните компании и средните стручни училишта, земајќи ги во предвид успесите кои компаниите Ронтис од Велес и Дрекслмајер од Кавадарци ги презентираа а произлегуваат од искуства со практична обука на ученици. Компаниите особено ги истакнаа придобивките од ваквиот начин на соработка со средните стручни училишта наспроти трошоците при реализација на овој концепт на стручно образование и обука.


„Добивме многу конструктивни и корисни предлози за профилите кои треба да ги отвориме. Силно веруваме дека низ овој социјален дијалог заеднички ќе ги идентификуваме потребите и ќе одговориме на долгогогодишните барања на компаниите, но и ќе профилираме стручно образование коешто ќе создава кадар потребен на реалниот сектор“, рече Царовска.


Средните стручни училишта исто така нагласија дека реализацијата на стручната обука за учениците од средните стручни училишта не е целосна кога се реализира само во училиштата, од причина што најголем дел од потребните вештини се поврзани со нови и модерни технологии кои им се достапни само на компаниите.


Заменик министерот за образование и наука – Арафат Шабани на средбите кои се реализираа во Струга и Охрид ги запозна учесниците со плановите на министерството за образование и наука за ре-дефинирање на процесот на стипендирање на учениците кои би се запишале во средно стручно образование и нагласи дека овој исчекор треба да биде дополнителен мотив за сите млади лица кои сакаат да го насочат своето образование и кариера кон реалниот сектор.


Стопанска комора на Македонија и Центарот за стручно образование и обука ги поддржуваат настаните како релевантни чинители во образовните процеси. Стопанска комора, преку изработка на повеќе од 85 образовни програми и стандарди поттикнуваат вклученост на компаниите во креирањето на образовните програми, ја поддржуваат реализацијата на практична обука кај работодавачи како и верификацијата на работодавачи. Ваквата поддршка од Стопанска комора е дополнителна гаранција кон градењето на јавно приватно партнерство помеѓу приватниот сектор и средните стручни училишта. Центарот за стручно образование и обука како надлежна институција за стручното образование и обука доследно го следи целокупниот социјален дијалог и обезбедува соодветни насоки и препораки за стручните училишта, општините и компаниите во рамки на овој социјален дијалог, со цел соодветна адаптација на уписните политики за следната уписна година.
Министерската за образование и наука – Мила Царовска дополнително ги поддржува и ги охрабрува сите општини, во соработка со приватниот сектор, да продолжат во насока на дефинирање на потребите од нови профили или адаптација на веќе постоечки профили, градење на долгорочни партнерства помеѓу компаниите и средните стручни училишта како и унапредување на практичната обука на учениците во компании.

Настаните во рамки на овој социјален дијалог за унапредување на средното стручно образование и обука продолжуваат во Тетово, Куманово, Крива Паланка, Прилеп, Битола, Богданци, Струмица, Кочани, Берово, Град Скопје, Илинден, Гостивар и Кичево.
Настаните се организираат со целосна примена на мерките за заштита и превенција од КОВИД-19.