Наставници, претставници на бизнис секторот и меѓународни експерти, со здружени сили работеа на подобрување на квалитетот на стручното образование преку развој на дидактички материјали. За време на дводневна работилница во рамки на проектот „Образование за вработување“ – E4E@мк, учесниците се здобија со значајни информации и самите креираа акциски планови за континуирано унапредување на дидактичките материјали.
Во суштината на работилницата беше соработката меѓу училиштата и компаниите. Како што наведуваат Ивана Георгиевска и Борис Тримчев од Е4Е@мк, имплементацијата на дуалното образование е прилично скапа активност во која значаен придонес може да има бизнис секторот. Тие истакнаа колку е важно учениците да имаат пристап до соодветни материјали, современа опрема и нови технолошки достигнувања, кои не секогаш можат да бидат обезбедени од страна на државата, ниту пак да бидат достапни во училиштата.
Меѓународните експерти го споделија своето искуство од Швајцарија каде секој училишен курикулум е заснован на работна ситуација. Мариен Милер, од Швајцарската федерација за учење на возрасни (SVEB), претстави повеќе креативни и бесплатни дигитални решенија кои наставниците можат секојдневно да ги употребуваат. „Креирањето на дидактичките материјали е еден од најинтересните делови од тоа да се биде наставник. Ја креирате програмата, планирате што ќе правите во училница, размислувате што му е потребно за класот за да ја разбере темата на која предавате“, вели таа.
Според Емануел Витрих, од Швајцарскиот федерален универзитет за стручно образование и обука (SFUVET), најважно е да применуваме дидактика базирана на работни ситуации, иако тоа е долготраен процес. Тој потенцира дека е потребно работната ситуација да се употреби како сидро за понатамошен развој на знаењата, вештините и ставовите кај учениците.
Во таа насока, Анета Петровска Русомароски, Менаџер за човечки ресурси во ЕВН Македонија, ја презентираше успешната соработка меѓу компанијата и СЕТУГС „Михајло Пупин“ од Скопје преку проектот „20-20-20“. Ова партнерство датира од 2017 година кога заеднички имаат подготвено нов наставен план и програма, целосно опремиле училница и изградиле тренинг центар во Скопје. Денес, истите можат да се користат и за образование на ученици кои не учествуваат во нивниот процес на учење при работа со што додаваат дополнителна вредност на нивната инвестиција и донација.
Проф. Д-р Елена Ризова, од Филозофскиот факултет – Скопје, ги сподели наодите од спроведеното истражувањето во однос на актуелната состојба со дидактичките материјали во стручното образование и обука во земјава и даде сопствени препораки за натамошниот развој на ситуацијата во земјава.
Овој настан претставува значаен чекор кон подобрување на квалитетот во средното стручно образование преку соработка и стратешки пристап кон дидактичките материјали. Настанот е дел од проектот „Образование за вработување“ – Е4Е@MK, финансиран од Владата на Швајцарија а спроведуван од Хелветас.


