#SWISSSKILLS 2022 – Најголемиот шампионат на професии во Швајцарија и пошироко

#SWISSSKILLS 2022 – Најголемиот шампионат на професии во Швајцарија и пошироко

Photo Credits by #SwissSkills2022

SwissSkills е натпреварувачки шампионат за професии во Швајцарија што им овозможува на младите професионалци да учествуваат на меѓународни натпревари. Настанот ги следи трите елементи на: (i) промовирање на извонредност во професионалната пракса, (ii) овозможување различно искуство во професиите, (iii) промовирање на имиџот на практиканството во Швајцарија заради подобрување на неговата репутација.

Почнувајќи од 1953 година, кога Швајцарија за прв пат учествуваше на меѓународни натпревари за професии, до 2022 година кога го организираше спектаклот насловен #SwissSkills2022, целиот процес претставува долго патување во промоцијата на она што е столбот на економијата во Швајцарија – стручните занимања.

Настанот е исполнет со возбудливи содржини во текот на сите 5 денови, каде 1.100 професионалци се натпреваруваат во 85 различни професии, презентирајќи ги своите вештини стекнати во рамките на стручното образование и обука и практична обука во компанија, два добро осмислени и реализирани процеси за образование и развој на кариера. Како најголем натпревар за млади професионалци, настанот ги акумулира сите национални првенства од различни сектори, привлекува масовна публика, како и големо медиумско внимание и фрла светлина врз најдобрите електричари, фризери, ѕидари, хотелиери, сомелиери, автомеханичари, пекари, дизајнери на метални конструкции, техничари за мехатроника, специјалисти за изолација, специјалисти за вентилација, ѕидари и многу други професии. Настанот не само што промовира професии, туку и ги мотивира децата да се угледаат на шампионите и да ги следат нивните стапки преку дуалното образование.

Брошури за различни професии и кариерно насочување за младите  

SwissSkills, исто така, им овозможува на цели училиштни одделенија и на семејствата да ја откријат различноста на сите професии преку прикажување на 150 професии и можноста за нивно испробување на лице место. Со трудољубивост, страст и гордост во својата професија, повеќе од 1000 учесници се натпреваруваат во 85 натпревари за да покажат кој е најдобар во Швајцарија. Како дополнување на другите стручно образовни институции и настани, SwissSkills првенствено привлекува емоции и ја нагласува уникатноста на системот за дуално стручно образование и можностите за кариера преку практичната обука во Швајцарија, преку својот медиумски партнер Ringier, достигнувајќи уште поимпресивен број на ТВ публика, дополнувајќи ја големата популарност на самиот настан.

Голем интерес од страна на младите – ученици заинтересирани за напредни технологии

Само првиот ден од #SwissSkills2022 привлече речиси 25.000 посетители, откривајќи ја од прва рака разновидноста на швајцарските професии, додека на 4-тиот ден, со прекрасна церемонија за доделување на медали, настанот награди околу 250 победници, покажувајќи ја извонредноста која се генерира преку швајцарскиот систем за стручно образование и обука.

Република Северна Македонија е исто така на добар пат да имплементира прилагоден дуален модел за стручно образование и обука, кој во 2022 година понуди повеќе од 220 дуални паралелки за стручно образование и обука за над 3000 ученици, сите поддржани од се повеќе вклучениот приватен сектор кој брои 500+ компании, отворајќи можности за практична обука на ученици во компанија. Она што е важно за Република Северна Македонија е да продолжи да го унапредува својот дуален модел на стручно образование и обука како систем и да продолжи да применува практики кои функционираат за потребите на економијата и се одржливи на долг рок. Настанот SwissSkills е голема инспирација за она што Република Северна Македонија може да го направи во однос на промовирање на стручното образование и обука и развојот на стручни вештини, со суштинско вклучување на приватниот сектор и со засилена поддршка од сите медиуми во земјата.

Група на македонски новинари имаа можност да го посетат SwissSkills2022 преку проектот „Образование за вработување во Северна Македонија“ https://www.e4e.mk/, програма која е поддржана од швајцарската влада и која ги помага реформите во стручното образование и обука во Северна Македонија. Целта на посетата од страна на медиумите беше (i) да посведочат и да известат за вклученоста на сите приватни и државни чинители кои ја поддржуваат организацијата на SwissSkills2022 преку новинарски написи, видео и фото-содржини (ii) лично да ги посведочат натпреварите помеѓу различните професии и високиот интерес на јавноста, и (iii) да го идентификуваат интересот и поддршката на швајцарските медиуми кон настанот SwissSkills и кон стручното образование и обука воопшто.

Меѓу шампионите на SwissSkills2022, македонските новинари ја искористија можноста да го интервјуираат и Филип Јованов, кој освои бронзен медал во дизајн на водени инсталации. Младиот Филип кој е роден во Швајцарија, со потекло од Република Северна Македонија, беше еден од 1.100 натпреварувачи кои ги презентираа своите вештини стекнати во швајцарското дуално образование. За новинарите од Република Северна Македонија присутни на настанот, Јованов објасни дека по завршувањето на тригодишното образование и практична обука, проследено со две години поминати на работа, решил да ја продолжи својата кариера како дизајнер на водени инсталации. Во својата SwissSkills категорија, Филип се покажа како еден од најдобрите, гордо стоејќи на подиумот.

Филип Јованов – бронзен медал во дизајн на водени инсталации (десно)

Додека швајцарската влада продолжува да ја поддржува Република Северна Македонија во нејзините напори за реформирање и унапредување на системот за стручно образование и обука, целиот процес исто така треба да се поддржи и од самите медиуми (ТВ и онлајн) и почесто да се информира јавноста за важните промени кои се реализираат во образовниот систем како што се практичната обука на ученици во компании, вклучување на приватниот сектор во стручното образование и обука, постоењето на ментори во компании, можности за обука на младите и иницијативи за вработување и слични теми кои од исклучително значење за сегашните и идните генерации на Република Северна Македонија.