Технолошко-металуршкиот факултет (ТМФ) при УКИМ ја отвори новоопремената Лабораторија за хемиски анализи, со современ XRF инструмент дониран од Макстил АД Скопје, со кој студентите ќе можат практично да го изучуваат составoт на металите. На настанот беше претставена и иницијативата за воведување современи технологии и еко-иновации во образованието.
Настанот е дел од партнерството со швајцарскиот проект „Образование за вработување“ (E4E), имплементиран од Хелветас. На едно место ги собра претставниците на академската заедница, институциите и приватниот сектор за да разговараат за тоа како образованието да одговори на потребите на индустријата.

Со оваа современа опрема, студентите ќе имаат можност да стекнуваат практично искуство со аналитичка техника која се применува во реални индустриски услови, додека инженерите и стручните кадри од металуршката индустрија ќе можат да ја користат лабораторијата за потребните хемиски анализи и карактеризација на металуршки материјали. На овој начин, лабораторијата станува место каде што образованието, науката и потребите на индустријата се поврзуваат во една функционална целина.

Но, настанот е дел од една поширока приказна за партнерство кое веќе има резултати и пошироко во македонското образование. Со поддршка на E4E, ТМФ и Макстил заеднички работеа на идентификување на знаењата и вештините потребни во современата индустрија и нивно интегрирање во високото образование. Како резултат на оваа соработка се развиени двегодишни кратки стручни студии, дизајнирани во согласност со потребите на индустријата. Така, преку програмата „Металургија“, студентите ќе се стекнат со професионалното звање Инженер-металург, како и со современи, практични и применливи знаења и вештини што ќе им овозможат успешно да одговорат на предизвиците и потребите на современата металуршка индустрија.
„Овој модел на соработка веќе покажа дека може да има влијание и пошироко од партнерите кои се директно вклучени“, рече Михал Харари, заменичка амбасадорка на Швајцарија. „Новата Национална стратегија за образование сега ги препознава и кратките стручни студии развиени во партнерство со приватниот сектор. Ова е добар пример како една иницијатива, започната како партнерство, може да прерасне во модел што има потенцијал да се примени и пошироко. Се надеваме дека нејзиното вклучување во Стратегијата ќе помогне да се создадат услови за развој на слични партнерства и надвор од соработката што ја гледаме денес“, објаснува таа.
Партнерството покажува дека компаниите можат да бидат повеќе од корисници на образовниот систем. Тие можат активно да учествуваат во идентификувањето на потребните компетенции и во развојот на програми кои подобро одговараат на реалните услови во индустријата.

Според проф. д-р Биљана Ангелова, ректор на УКИМ, одговорноста за развојот на релевантни знаења и компетенции е заедничка: „Во суштината на образованието е да одговара на потребите на времето и на потребите на индустријата, но истовремено индустријата треба активно да учествува во стекнувањето знаења и компетенции, особено имајќи ги предвид промените и развојот на технологиите.“
Партнерството меѓу ТМФ и Макстил така претставува пример како една соработка меѓу академијата и индустријата може да создаде конкретни резултати, да придонесе кон промени во образовните политики и да отвори простор за поширока примена на ваквиот пристап во високото образование.



