На Mеѓународниот ден на образованието го славиме значајниот напредок во обликувањето на иднината на стручното образование и обука во земјава, а тоа е усвојувањето на новиот Закон за стручно образование и обука. Овој напреден закон претставува голем чекор кон усогласувањето на образованието со динамичните потреби на пазарот на трудот. Истиот го официјализира она што досега се правеше на добра волја на компаниите и училиштата, а беше во насока на тоа учениците да стекнат вештини потребни за кариерен успех во денешниот динамичен свет.
Потреба од промена
Стручното образование е основа на економскиот развој, но забележителни беа празнините помеѓу вештините кои се усвојуваа во училиште и оние коишто ги бараат работодавачите. Токму компаниите беа оние кои најмногу ги чувствуваа последиците од ваквата нерамнотежа и имаа потреба од премостување на оваа дупка во образовниот систем. Решавањето на овој јаз стана приоритет за создавање силен образовен систем што го поддржува економскиот раст и одржливиот развој. Новиот закон е директен одговор на овој предизвик, интегрирајќи затворање на јазот и воспоставување јасен пат од образованието до вработувањето.
Дуалното образование како решение
Еден од најтрансформативните елементи во новиот закон е формалното препознавање на дуалното образование. Овој пристап е комбинација помеѓу учењето во училиште и практична обука во реална компанија, со што учениците паралелно стекнуваат теоретско знаење и практично искуство. На овој начин, дуалното образование одговара на потребата за стекнување на вештини кои веднаш може да се применат на работното место.
Швајцарскиот проект „Образование за вработување во Северна Македонија“ (Е4Е@мк) одигра клучна улога во воспоставувањето на овој модел и поддршката во подготовката на овој закон со фокус на делот што се осврнува на дуалното образование, црпејќи искуства од најдобрите меѓународни практики, но прилагодувајќи ги на специфичните потреби на нашиот образовен систем.
Во новиот закон ставен е акцент врз партнерството помеѓу училиштата и компаниите, што е доказ за важноста на вклученоста на индустријата во обликувањето на образованието. Сега се регулирани правата и обврските на партнерското активно учество на компаниите во спроведувањето на практичното образование, креирањето на програмските документи обезбедувањето менторство, со цел да ги креираат патеките кон вработување на учениците по завршување на образованието. Ваквата соработка прави стручното образование да биде прилагодливо на новите барања на пазарот на трудот.

Придонесот на Швајцарија
Во суштината на сите активности преземени околу воспоставувањето на дуалниот модел, отсекогаш бил системскиот пристап. Во текот на изминатите години фасилитиравме значајни процеси, како:
- зајакнувањето на соработката меѓу јавниот и приватниот сектор;
- воспоставувањето на моделот за дуално образование, кој имплицира зголемен фонд на часови за практично образование, особено кај работодавачите;
- дефинирање на улогите и процесите во дуалното образование;
- градењето на капацитетите кај партнерите, вклучувајќи наставници, институции и соработници;
- промоција на новиот модел и промена на перцепцијата за стручното образование.
Патот напред
Усвојувањето на законот означува почеток на нова ера за стручното образование во земјава. Неговото спроведување ќе бара постојана посветеност од сите засегнати страни за да се обезбеди успех. Училиштата треба да прифаќаат нови методологии и динамика на промени, компаниите да бидат проактивни со споделување на новини во секторот со образовните парнери од јавниот сектор и активно да учествуваат и инвестираат во образованието, а носителите на политики да обезбедат континуирана поддршка за усовршување, проширување на овие иницијативи и нивно следење за подобрување.
Со усогласување на образованието со потребите на индустријата, не само што ги подготвуваме учениците за првите чекори во нивните кариери, туку и поттикнуваме поголема економска отпорност и одржливост. Овој закон претставува доказ за тоа што може да се постигне кога соработката меѓу приватниот и јавниот сектор ја водат реформата во образованието.
Да продолжиме да работиме заедно за да осигуриме дека стручното образование останува динамичен и привлечен столб од нашиот образовен систем, овозможувајќи им на следните генерации стекнување компетенции и создавајќи им можности што ги заслужуваат.



