Лара Тинауер, специјалистка за убавина и козметика од Австрија, ја купи последната авионска карта за патувањето до Полска со цел да учествува на овогодинешниот натпревар EuroSkills 2023 во Гдањск. Откако една членка на австрискиот тим мораше да го откаже своето учество, Лара со задоволство прифати да ја замени на големиот натпревар, бидејќи како што самата вели, за неа е огромна чест да ја претставува својата земја.
Иако имаше само четири недели за подготовка, Лара воопшто не се обесхрабри. Напротив, 22 годишната репрезентативка се движеше со полна пареа кон целта и ја користеше секоја минута за тренинг со цел да постигне најдобар можен резултат. „Оваа професија отсекогаш ме фасцинирала. Како козметичарка, го имам совршениот баланс меѓу креативноста, стручното знаење и богатството од секојдневните меѓучовечки односи “, вели Лара.

Извор на слика: wko.at
Иако настапуваше како замена, вредната работа, посветеноста и мотивацијата ја одведоа Лара до врвот на подиумот на овогодинешниот EuroSkills. Со сензационална победа, таа го освои златниот медал во својата категорија „Козметичка нега и убавина“ и придонесе Австрија да освои седум златни медали. Всушност, оваа држава може да се пофали со дури 18 медали, најбројни од сите 32 земји учеснички.

Извор на слика: wko.at
Швајцарскиот супериорен образовен систем дава супериорни резултати
Уште една земја која постигна неверојатен успех оваа година е Швајцарија. Натпреварувајќи се во 16 категории, швајцарците освоија 15 медали од кои дури 12 злата. Тоа значи дека импресивни 94% од швајцарската делегација застанаa на подиумот и ја продолжуваат традиционалната низа на успеси. Ваквите резултати уште еднаш ја покажуваат извонредноста на швајцарскиот систем за стручно образование во споредба со останатите земји.

Извор на слика: www.swiss-skills.ch
Техничкиот делегат, Мартин Ерлахер, е презадоволен: „Овој резултат од целата репрезентација ги надмина нашите очекувања. Толку многу златни медали не очекувавме ни во нашите најлуди соништа.“ Ерлахер споделува дека за време на подготовките, учесниците, експертите, тим лидерите и целата делегација создале атмосфера во која меѓусебно се поддржувале и растеле. Според него, учесниците инвестирале околу 1000 часа во подготовка и тренинг пред големото натпреварување, што секако е поддржано од страна на тимот експерти и компаниите.

Fleischfachfrau EFZ / Bouch?re-charcuti?re CFC /
Macellaia-salumiere AFC am letzten Wettkampftag bei der EuroSkills 2023 in Gdansk (Foto: SwissSkills/Michael Zanghellini)
Извор на слика: www.swiss-skills.ch
Обука заснована на пракса – основа за успешен стручен кадар
На EuroSkills постои и посебна награда која се доделува на натпреварувачот со најмногу освоени бодови. Тамаш и Золт од Унгарија најпрво станаа шампиони во тимската категорија „ИТ системски оператор“, а потоа беа крунисани со титулата „Најдобри во Европа“ бидејќи освоија 799 поени од можни 800. Унгарија, исто така, може да се пофали со севкупно добри резултати на европскиот шампионат бидејќи освои пет злата, едно сребро и четири бронзи.

Извор на слика: hungary.postsen.com
Унгарскиот државен секретар, Балаш Ханко, смета дека врвните резултати на нивниот тим се должат на реформите од 2016 година со кои е обновено унгарското стручно образование и истото сега ги задоволува потребите на пазарот на труд. „Преку соработката со унгарската Стопанско-индустриска комора и стручните експерти, се реализира програма за обука заснована на пракса. Благодарение на оваа двојна подготовка, покрај теоретското знаење, младите професионалци поминуваат поголем дел од времето за обука во приватните компании и добиваат конкретно практично искуство“, вели тој.
Ханко оди и чекор понатаму, најавувајќи ги амбициозните планови Унгарија за неколку години да биде домаќин на Светското првенство во вештини (WorldSkills). Унгарија веќе била домаќин на EuroSkills во 2018 година.
„Обединети преку вештините“
Под слоганот „Обединети преку вештините“, сите земји учеснички покажаа дека вештините создаваат можности за поврзување на општествата и дека истите се основа за економски напредок. Од Лара која настапуваше како замена, до секој од останатите 600 учесници кои ги направија горди своите нации, сите беа дел од приказната за извонредност во стручното образование и обука.

Извор на слика: https://euroskills2023.org/
Националните и интернационалните натпревари од овој тип не само што го зголемуваат интересот за стручните вештини, туку и ги подобруваат репутацијата и квалитетот на стручното образование. Младите професионалци навистина се амбасадори на своите струки, но и на своите земји.
Извори: