Пандемијата на Ковид-19 донесе предизвици, но и потенцијални можности за лицата со попреченост. Секако навикнати на маргинализација и изолација, кризата се чини нуди можност за нивно учество од дома, преку „виртуелно“ работење и живеење. Сепак, пандемијата е во суштина здравствена криза, која директно ги засега лицата со попреченост. Згора на тоа, ја влошува нивната економска и социјална ранливост, што значи „троен удар“! Проектите и иницијативите за развој на вештини како Образование за вработување во Северна Македонија (E4E@мк) реагираат и ја прилагодуваат нивната поддршка. Програмите за обука на лицата со попреченост сега се насочуваат кон освежување на вештините и учење на нови вештини, фокусирајќи се на специфичните потреби, како што се асистивната технологија или други прилагодувања потребни за посета на обука или работа од дома.
Живко Костески, на фотографијата горе, има аутистичен спектар на нарушување. Ако влезете во кафе барот „Амбрела“ во Градскиот трговски центар во Скопје, главниот град на Северна Македонија, ќе го видите овој 22-годишен келнер како прима нарачки. Живко заврши средно угостителско училиште во СУГС „Лазар Танев“. Додека му ја повторува нарачката на гостинот за да се увери дека добро ја разбрал, неговиот колега Берат Јакупи ја подготвува машината за еспресо за следните нарачки. Вака беше пред пандемијата на Ковид-19 да погоди многу земји, вклучително и Северна Македонија. Наеднаш бидна карантин поради пандемијата на Ковид-19 што предизвика мешана реакција кај луѓето како Живко, кои живеат со попреченост. Тие се маргинализирани и стигматизирани дури и во „нормални“ околности. Сега се поставува прашањето како проектите и иницијативите за развој на вештини одговараат и ја прилагодуваат нивната поддршка кон загрозените и ранливи категории на луѓе, како оние со попреченост? Со овој блог ја покриваме сторијата за проектот E4E@мк на Швајцарската агенција за развој и соработка (SDC) во Северна Македонија, којшто се спроведува од страна на Хелветас Швајцарија, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанската комора на Македонија.
Надминување на бариерите со релевантни вештини
„Сонот на Живко се оствари кога започна да работи овде, барем така вели тој, а тоа го сметам за најважно“, вели Марјан Петров, сопственик на кафе барот „Амбрела“. Живко беше решен да научи како да ги послужува гостите и како да комуницира со нив. Успеа и покрај неговата попреченост. 15% од светската популација живеат со некаква форма на попреченост, од кои 2-4% имаат значителни потешкотии во функционирањето. Во Северна Македонија, не постојат веродостојни податоци заради недостатокот на систем за идентификација и поддршка на лицата со попреченост. Изгледите за вработување кај многу лица со попреченост се разликуваат. Според проценките, околу 15% од населението во Северна Македонија има некаква форма на попреченост. Постојат околу 670 компании од приватниот сектор во земјата кои имаат по 9000 вработени, а од кои 3000 се лица со попреченост. Сепак, во целина, наоѓањето на работа може да оди тешко за лицата со попреченост. Предизвикот започнува рано, уште со пристапот до образование и развојот на вештини. Бариерите вклучуваат долгорочни физички, ментални, интелектуални и сензорни нарушувања кои го спречуваат нивното учество на еднаква основа со другите. Заедно со погрешните сфаќања на општеството, овие недостатоци често резултираат со немање вештини, како и со ниска самодоверба, очекувања и достигнувања. Според Елена Кочоска, програмски раководител на „Полио Плус – движење против хендикеп“, партнер на проектот Е4Е, образовниот систем во земјава нема поддршка за „создавање на квалификувани граѓани со попреченост подготвени за отворениот пазар на трудот, што од друга страна придонесува за создавање на менталитет на „инвалидност“. Софија Георгиевска, вонреден професор и психолог на Филозофскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје се согласува со оваа анализа и посочува во еден од нејзините научни трудови дека образовната политика за луѓето со попреченост, а посебно за децата, „не е секогаш конзистентна со практичните импликации”. Дури и лицата со попреченост да се во можност да добијат работа, ограничениот избор на достапен јавен превоз за одење на работа, особено за оние кои живеат во оддалечени и рурални области, создава дополнителни бариери.
Погрешните претпоставки од работодавците за „продуктивноста“ на лицата со попреченост само ја отежнува борбата. И Живко помина низ истото искуство. По завршување на средното училиште започна да бара работа, но добиваше вообичаено и учтиво одбивање: „Во моментов, не ни требаат келнери“! Живко знаеше дека на рестораните им треба стручен персонал, па затоа никогаш не се откажа од обидот да стане келнер или шанкер, па дури и готвач. Се работи за двоен проблем. Прво, за навистина сите да бидат вклучени, потребни се подобрувања особено за оние со најтешка попреченост, за што повторно се потребни иновации и квалитет во развојот на инклузивните вештини. Како и на сите останати, и на луѓето со попреченост им се потребни различни видови на вештини за справување со различните предизвици во животот: основни вештини, технички вештини и преносни вештини. Второ, при транзицијата од училиште на работно место потребно е да се работи и на економската оправданост за работодавците, главно на подобрување на нивната свест дека трошоците за адаптација на работниот простор честопати се минимални. И покрај дипломата по угостителство, Живко веруваше дека стекнувањето на нови вештини ќе го направи поконкурентен на пазарот на трудот. На почетокот на 2019 година, на Живко му се укажа шанса. Компанијата Мастер Протекшн, преку својата подружница ДаунФорЈу, иницираше обука за угостителство за лица со попреченост под менторство на проф. Георгиевска. Обуката опфаќаше послужување, готвење, работење на шанк и комуницирање со гостите и беше прилагодена на способностите на голема група од 30 лица со попреченост.
Адаптирање на развојот на вештините на кризата
Проектот E4E ја поддржа обуката за угостителство која ја следеше Живко. Организирана во рамките на Фондот за можности на Е4Е, обуката резултираше со вработување на 6 лица со попреченост во ресторани и хотели. Оваа година, Фондот за можности на Е4Е стана дел од Оперативниот план за вработување на Министерството за труд и социјална политика, фокусирајќи се на давање поддршка за стручна обука што ќе доведе до пристојно вработување. Пандемијата на Ковид-19 ги зголеми веќе постоечките секојдневни проблеми и предизвици на луѓето со посебни потреби. Карантинот ги затвори деловните субјекти и понудувачите на формални обуки; нивните активности и планови се ставени во мирување. Обуките во училница се суспендирани за сите понудувачи на обука. Наместо тоа, дигитализацијата станува сè позастапена. Оние понудувачи на обуки кои веќе имаа инвестирано во дигитална настава, можеа брзо да се прилагодат на ситуацијата и да понудат онлајн обуки. Дел од адаптацијата на развојот на вештини за лицата со попреченост вклучува квалификувано толкување на знаковен јазик за онлајн курсеви, веб-страници што им се достапни на лицата со различна попреченост и телефонски услуги кои имаат текстуална комуникација за луѓето кои се глуви или имаат оштетување на слухот. Имајќи предвид дека бројот на вработени лица со попреченост во Северна Македонија е навистина мал, неколку понудувачи на обуки за стручни вештини, организации на лица со попреченост и компании го трасираат патот со организирање на обуки за стручни вештини. Сепак, лицата со попреченост можно е да немаат асистивна технологија или други прилагодувања кои им се потребни за следење на обука или работење од дома. Покрај ова, тие се изложени и на зголемен ризик од пандемијата на Ковид-19 заради потребата од близок контакт со лични асистенти /негуватели, како и зголемен ризик од инфекција и компликации заради нивната општа здравствена состојба. Владата на Северна Македонија ги одржува сите официјални прес-конференции придружени со знаковен јазик. Сега е задолжителна употребата на алтернативен текст за слики, а и лесно читливите графики станаа прилично популарни по социјалните медиуми и насекаде.
Преку Агенцијата за вработување, организација за лица со попреченост презема активности за комуникација со лицата со попреченост/или нивните старатели и се подготвува за онлајн комуникација и сесии за обука. Комуникациските сесии имаат за цел да нудат поддршка во ново и безбедно опкружување. Професионалци, како психолози и социјални работници, се подготвуваат да ги решат стравовите предизвикани од пандемијата, проследени со одржување на хигиена и физичко растојание. За оние кои ќе се вратат на работа, клучни се подобрувањето на нивното ментално здравје и подготовките за реинтеграција во општеството и работното опкружување. Обуките ќе бидат поделени во две групи, обуки за вработени и обуки за невработени лица со посебни потреби. Првата група ќе се фокусира на враќање на работа, освежување на стручните вештини и учење на нови вештини, преку онлајн предавања. Втората група ќе се фокусира на онлајн учење на нови вештини и барање на работа. Цел на оваа иницијатива се 300 лица со попреченост во период од два месеци. E4E веќе ги поддржа Мастер Протекшн и Амбрела во претходна успешна иницијатива. Филозофскиот факултет во Скопје се придружува како партнер на проектот. „Ако можеме да реинтегрираме барем 150 од целните 300 лица со посебни потреби, тоа би било еднакво на 150 вработувања“, вели проф. Георгиевска.
Заклучок
За Живко и останатите беше вистинска битка да се стане дел од пазарот на трудот – да се добие плата за трудот, но уште поважно, да се биде дел од општеството. Сега, тие се вратени на самиот почеток. „Моментално ја гледаме и чувствуваме глобалната болка на исклученоста – како што ја планираме нашата иднина, мора да инсистираме никој да не биде занемарен“, потенцира проф. Георгиевска. E4E ги поддржува повеќето иницијативи за обука во онлајн формат. Се разгледуваат и потребите на лицата со попреченост. Сето ова се темели на активностите пред Ковид-19 со кои им се овозможи на лицата како Живко да стекнат долготрајни вештини, без оглед на секторот на кој припаѓаат – угостителство, производство или нешто друго.