УЧИ ПАМЕТНО, РАБОТИ СТРУЧНО

„Учи паметно, работи стручно“ претставува кампања која ја спроведува Министерството за образование и наука со поддршка од Швајцарската агенција за развој и соработка, со цел промоција и унапредување на средното стручно образование и обука.
Кампањата се реализира преку 1) социјален дијалог или консултации со компаниите, стопанските комори и локалните самоуправи за потребата од отворање на нови профили и паралелки во средните стручни училишта низ државата. Консултациите ги предводат претставници на Владата, министерството за образование и наука, градоначалници, компании и стручни училишта, на кои се дискутира за потребите на реалниот сектор од отворање на дуални паралелки во средните стручни училишта, за наставните програми и за уписните политики во средните стручни училишта.
Социјалниот дијалог или консултациите се реализираат по спроведена анализа која дефинира јасна слика за постојните профили кои ги нудат училиштата, нивната усогласеност со потребите на компаниите и подготвеноста за соработка на компаниите со средните стручни училишта на локално ниво. Во 2021 година, 450 компании од цела држава учествуваа во анализата на МОН, од кои 85 % се изјаснија дека се подготвени да соработуваат со средните стручни училишта и да примаат ученици на практична настава, заради создавање на стручен и квалитетен кадар.
„Учи паметно, работи стручно“ се реализира и преку 2) отворени денови во средните стручни училишта, со цел подигнување на јавната свест за средното стручно образование и нагласување на важноста на стручното образование за националната економија. Преку организација на отворените денови во стручните училишта во општините, идните средношколци имаат можност да се запознаат со големиот број на професии кои им се нудат преку стручното образование, особено преку дуалното образование.
„Учи паметно, работи стручно“ ги поддржува сите чинители во образованиот систем кон унапредување на стручното образование и обука на системски начин, со цел повеќе млади лица да се стекнат со квалитетно стручно образование и обука кое придонесува за подобро и пристојно вработување.
Повеќе содржини и информации за кампањата „Учи паметно, работи стручно“ се достапни на следниот линк: https://www.facebook.com/ucipametnorabotistrucno/