Вклучување на приватниот сектор за квалитетно стручно образование на идната работна сила

Вклучување на приватниот сектор за квалитетно стручно образование на идната работна сила

На 18 декември во хотел Александар Палас во Скопје се одржа конференција „Вклучување на приватниот сектор за квалитетно стручно образование“, организирана од страна на проектот Образование за вработување во Северна Македонија (Е4Е@мк), кабинетот на вицепремиерот за економски прашања во Владата и министерството за образование и наука.

Целта на конференцијата е да се увиди улогата и придонесот на приватниот сектор во квалитетот на стручното образование, имајќи во предвид дека институциите на системот со поддршка на засегнатите чинители може да ги креираат теоретски најквалитетните решенија за унапредување на стручното образование, но тие нема да го дадат очекуваниот ефект доколку во практичната имплементација на реформите не се вклучат стопанствениците и сопственици на бизниси. Со вклучување на приватниот сектор, се овозможува многу поголем простор за создавање на потребните вештини и способности на самите ученици за успешен настап на пазарот на трудот.

На конференцијата се обратија заменик на претседателот на владата задолжен за економски прашања Кочо Анѓушев, министерот за образование и наука Арбер Адеми и амбасадорката на Швајцарија Н.Е. Сибил Сутер.

Вицепремиерот за економски прашања посочи дека образованието е еден од клучните фактори за одржлив и поинтензивен економски развој, пришто дополни дека образовниот систем, каков што беше затекнат на почетокот на мандатот, особено во средното стручно образование, не ги задоволуваше реалните потреби на стопанството и економијата.

„За да можеме да ги решиме проблемите, прво мора гласно да ги кажеме и гласно и јасно да ги детектираме. Мислам дека во последните неколку години општествово стана свесно за проблемите во образовниот процес и направени се неколку чекори коишто јас ги сметам за првични чекори во насока на реформа на образованието. Тоа се првични чекори и сметам дека мора многу побрзо и подинамично да пристапиме кон реформите бидејќи светот и економијата не чекаат на нас, ние треба да се прилагодиме на нив, а тој процес е многу динамичен“, нагласи Вицепремиерот Анѓушев.

Зборувајќи за конкретни чекори за реформи во средното образование, вицепремиерот Анѓушев нагласи дека средното образование треба да биде поставено на три столба: гимназиско, во кое би биле опфатени од 30-40% од средношколците, додека останатите средношколци да посетуваат настава во средните стручни училишта и да добиваат знаења преку концептот на дуално образование, односно учење преку работа. За тоа, потребно е да се усогласат наставните програми, да се извршат реформи во образовниот процес и да се подигне свесноста на граѓаните, дека стручното образование не е за губитници, туку со тоа се добива конкретна струка и знаење со кое може достојно да се заработува.

„За мене една посета во Швајцарија беше исклучително корисна, покрај образовните системи на Австрија и Германија, го запознав и швајцарскиот систем. Неверојатни над 67% од средношколците се во дуалното образование во Швајцарија. Тоа не значи дека сите тие ќе завршат како луѓе што немаат перспектива да одат на универзитети или да бидат раководители во фирми, тоа се луѓе сакаат да се занимаваат со тоа што го сакаат. Не е среќата сите да бидат доктори и адвокати, па и не можат сите во државата да бидат доктори, адвокати и менаџери. Мора да има и  други кадри. Секој треба да си ја најде среќата и да може со тоа достоинствено да живее. Денес верувајте секој кој што ќе се одлучи да биде во дуално образование, ви кажувам дека тој во иднина ќе има добар живот затоа што ќе биде сигурно вработен, ќе има сигурна струка а тоа што во иднина ќе се вреднува е дали имате компетенција, не дали имате диплома“, подвлече Анѓушев.

Во своето обраќање пред присутните, министерот за образование и наука Арбер Адеми истакна дека во последните неколку години соработката помеѓу образовните институции и бизнис секторот е значително унапредена, компаниите учествуваат во креирањето на промените но и дека постои простор за продлабочување на соработката.

Крупните реформи кои ги направивме во средното стручно образование се теоретски одлични, но за целосно ефектуирање е потребна правилна имплементација, која не е возможна без поддршка од бизнис заедницата. Јас ги повикувам претставниците на овој сегмент од општеството, да покажат уште поголема иницијативност и поголем ангажман за создавање партнерства со училиштата, за прифаќање на ученици на практична обука на работни места, онака како што наложуваат наставните програми и концептот на дуално образование и за придонес во градењето на нивните компетенции“, рече Адеми.

Министерот апелираше до бизнис заедницата да се вклучи и во процесот на изнаоѓање нов одржлив модел на финансирање на стручното образование и обука во земјата, преку обезбедување на дополнителни извори на средства покрај средствата од државниот буџет.

Амбасадорката на Швајцарија, Н.Е. Сибил Сутер посочи дека Швајцарија е позната по тоа што е најконкурентната економија во светот веќе 9 години по ред. Очигледно е дека една од клучните причини за ова е квалификуваната работна сила благодарејќи на добро развиениот систем за стручно образование.

Во Швајцарија приватниот сектор игра клучна улога во сите фази на стручното образование. Ова вклучува развој на наставните програми и нивна имплементација, издавање сертификати и финансирање на стручното образование. Одговорноста што ја има приватниот сектор во создавањето на идната работна сила во Швајцарија најмногу се гледа во приемот на стажанти во претпријатијата. Но вклученоста на приватниот сектор не е само на ниво на компании; всушност, коморите и другите професионални здруженија играат значајна улога во швајцарскиот систем за стручно образование. Стручното образование не е обврска само на едната страна, туку претставува партнерство меѓу државата и приватниот сектор. Затоа, веруваме дека за квалитетен систем за стручно образование што е барано на пазарот, потребно е партнерство меѓу приватниот и јавниот сектор“, кажа амбасадорката Сутер.

Модератор – Ивана Георгиевска, Експерт за стручно образование и обука, E4E@MK

По завршувањето на официјалниот дел, конференцијата продолжи со презентации за проектот Образование за вработување (Е4Е@мк), за улогата на Бугарско-Швајцарската стопанска комора во преоѓањето кон дуалното образование како и за саемот за вработување и практикантство во Швајцарија – БАМ БЕРНЕКСПО.

Курт Вутрих, Тим лидер, E4E@мк – Каква улога игра приватниот сектор во системот за стручно образование во Швајцарија? Како е уредено дуалното образование во Швајцарија?

Во рамки на двете панел дискусии кои се реализираа за време на конференцијата, домашни и странски експерти и практичари дискутираа за вклучувањето на приватниот сектор во образованието како инвестиција и за eфектите од инволвирањето на приватниот сектор во образовните процеси.

Васил Радојновски, Претседател на одбор, Бугарско-Швајцарска стопанска комора – Проект ДОМИНО – каква улога одигра Бугарско-Швајцарска стопанска комора во преоѓањето кон дуално образование.

Анета Петровска – Русомароски, Менаџер за човечки ресурси, ЕВН Македонија, Васил Радојновски, Претседател на одбор, Бугарско-Швајцарска стопанска комора, Курт Вутрих, Тим лидер, E4E@мк, Ивана Георгиевска, Експерт за стручно образование и обука, E4E@MK.

Питер Боени, Менаџер за развој на бизниси, БЕРНЕКСПО, Швајцарија. Како младите во Швајцарија одлучуваат за какво занимање сакаат да се обучат? BAM саем за вработување и практикантство во Швајцарија.

Зоран Јовчевски, Советник, Центар за стручно образование и обука – Кои промени се случуваат тековно во стручното образование? Како  учеството на приватниот сектор го зголемува квалитетот на стручното образование.

Наташа Јаневска, Самостоен советник, Стопанска комора на Македонија – Активности и услуги на Стопанска комора на Македонија релевантни за стручното образование – потреби и трендови.

Гоце Пешев, Извршен директор, МАМЕИ – Како до зголемен интерес на младите за стручно образование преку соработка на приватниот сектор и училиштата.

Бојана Димовска, Генерален менаџер и управител, Ронтис – Социјална инклузија преку пристап до образование и вработување за ранливи групи.