ВТОР ЦИКЛУС НА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ „УЧИ ПАМЕТНО РАБОТИ СТРУЧНО“

ВТОР ЦИКЛУС НА СОЦИЈАЛНИОТ ДИЈАЛОГ „УЧИ ПАМЕТНО РАБОТИ СТРУЧНО“

И во 2022 година, проектот Образование за вработување во Северна Македонија – Е4Е@мк продолжува со реализација на социјалниот дијалог „Учи паметно работи стручно“.  Преку 17 средби во 17 општини во Република Северна Македонија, Министерство за образование и наука заедно со општините и приватниот сектор ќе работат на унапредување на средното стручно образование.

Во 2021 година, социјалниот дијалог резултираше со 97 дуални паралелки во 46 средни стручни училишта, кои соработуваат со околу 200 компании за реализација на практична обука на ученици.

Преку социјалниот дијалог меѓу централната власт, локалните самоуправи и бизнис-заедницата по однос на стручни профили во средните стручни училишта, ќе се дефинира бројот и видот на паралелки кои ќе бидат отворени во учебната 2022/2023 година. Најавувајќи ја серијата средби во сите региони во државата во февруари и март оваа година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири потенцира дека целта на социјалниот дијалог е да се зголеми бројот на запишани ученици во средните стручни училишта, да се поттикнат компаниите да ги отворат вратите за практична обука на ученици, да се формираат дуални паралелки заедно со локалните компании и да се промовира важноста на средното стручно образование.

Средните стручни училишта може повторно да бидат прв избор на средношколците само доколку во овој процес на социјален дијалог директно се вклучат самите општини, локалните компании и средните стручни училишта, бидејќи градоначалниците, менаџерите на компаниите и директорите на училиштата најдобро знаат каде треба да се интервенира за да се обезбедат струки барани на пазарот на трудот и кој е најдобриот начин тоа да се реализира. Колку е поуспешна оваа соработка и навреме се утврдат реалните потреби, толку побрзо ќе ја постигнеме посакуваната заедничка цел – да обезбедиме стручен кадар што недостига, но и да ја зголемиме можноста за побрзо вработување на младите веднаш по завршувањето на школувањето и нивно останување во местата каде што живеат. Со тоа, сите ќе придонесеме за економски раст и развој на општините и на државата – нагласува министерот Шаќири.

МОН втора година по ред го реализира дијалогот на локално ниво, во соработка со амбасадата на Швајцарија во Република Северна Македонија и Проектот E4E@мк – „Образование за вработување”. Од особена важност е градоначалниците да се вклучат во дијалогот како можност за креирање на уписна политика соодветна на потребите на приватниот сектор и општините. Постигнатите резултати од минатогодишниот дијалог потврдуваат дека младите се повеќе ги согледуваат придобивките од стручното образование и одлучуваат да се запишат, затоа што им нудат повеќе можности –  вработување веднаш по школувањето, но и подобар старт за запишување на техничките факултети.

Целта на настаните е и привлекување на што поголем број компании за истите да се вклучат во дуалното образование, како докажан модел кој обезбедува стручен кадар подготвен директно да се вклучи во работа во средините каде ја изведувале практичната настава.

Бројот на дуални паралелки во учебната 2021/2022 година од вкупно 11 се зголеми на 97 и во нив се запишани 1400 ученици. Во средно техничко образование годинава се запишани за 6 проценти повеќе ученици во однос на минатата учебна година.

За дополнително унапредување на средното стручно образование, покрај подобрување на наставните програми, МОН ја промени и политиката на стипендирање. Оваа учебна година учениците запишани во дуалните паралелки во средните училишта во државата добиваат месечна стипендија во висина од 3.500 денари, што е уште еден поттик повеќе за постигнување подобри резултати, но и финансиско олеснување во процесот на школување.

Швајцарската агенција за развој и соработка – SDC долгорочно и системски го поддржува унапредувањето на стручното образование и обука и преку социјалниот дијалог ја зајакнува соработката помеѓу компаниите и средните стручни училишта, системската реализација на практична обука на ученици во компанија како и промоцијата на стручното образование како соодветен избор на образование за идните средношколци.

Социјалниот дијалог ќе се реализира во 17 општини: Скопје, Штип, Струга, Охрид, Прилеп, Битола, Валандово, Струмица, Кочани, Македонска Каменица, Велес, Кавадарци, Тетово, Гостивар, Куманово, Крива Паланка и Кичево.