Подобрувањето на квалитетот на стручното образование и обука во Република Северна Македонија преку дополнително проширување на концептот на учење преку работа во компании ќе биде во фокусот на работата на Министерството за образование и наука во следниот период, а поддршка за постигнување на овие цели е обезбедена од страна на Владата на Швајцарија.
По овој повод, на 31.01.2023 година, министерот за образование и наука Јетон Шаќири и Амбасадорката на Швајцарија во Северна Македонија, Н.Е. Вероник Улман потпишаа меморандум за соработка кој предвидува спроведување на конкретен план со повеќе заеднички активности до 2026 година.

По потпишување на меморандумот, министерот Шаќири нагласи дека унапредувањето на квалитетот и промоцијата на средното стручно образование меѓу младите е дел од долгорочната стратегија на Владата на Република Северна Македонија, а еден од најголемите поддржувачи е токму владата на Швајцарија, која обезбедува не само финансиска поддршка, туку и поддршка во примена на најдобрите практики од швајцарското стручно образование кај нас.

За амбасадорката Улман, задоволство е да се помогне кога се видливи намерите на Владата на Северна Македонија да создава квалитетен кадар кој недостасува во стопанството, но и напорите за развој и интегрирање на националниот образовен систем во европскиот образовен простор.
„Нашата собработка започна во 2018 година и оттогаш истата даде значајни резултати како за младите така и за приватниот сектор во Република Северна Македонија. Како дел од овој Меморандум за соработка, Швајцарија ќе одвои дополнителни 5,9 милиони швајцарски франци, со што вкупната поддршка на Швајцарија за реформите на системот за развој на стручни вештини во земјата ќе сезголеми на 12 милиони швајцарски франци. Размената на искуства во рамки на швајцарската поддршка и размената на знаења и најдобри пракси директно го поддржува дуалниот стручен и образовен систем преку поврзување на приватниот сектор со образованието, со цел да му овозможи на истиот да пристапи до квалификувана работна сила и да придонесе за пристојни можности за вработување на младите во земјата.“ – нагласи Н.Е. Вероник Улман, Амбасадорка на Швајцарија во Северна Македонија.

Реформите за унапредување на системот за развој на стручни вештини се реализираат преку проектот Образование за вработување во Северна Македонија (E4E@мк) – Фаза 2, со времетраење до 2026 година, додека организациите кои продолжуваат да го имплементираат проектот се: Хелветас Северна Македонија, Македонскиот центар за граѓанско образование и Стопанска комора на Северна Македонија.
Во рамки на втората фаза, проектот е насочен кон неусогласеноста помеѓу вештините кои се стекнуваат во образовниот процес и вештините кои се бараат на пазарот на труд. Овој јаз доведува до голема невработеност помеѓу младите и ја попречува конкурентноста на економијата. Надградувајќи се на постигнатите резултати од првата фаза, втората фаза дополнително ќе го насочи вниманието кон дуалното стручно образование (ССО). Проектот ќе продолжи со системска поддршка на образовните институции на национално ниво, но исто така ќе интервенира и на локално ниво, поддржувајќи ја имплементацијата на реформите во стручното образование.
Проектот ќе го поддржи Министерството за образование и обука и Центарот за стручно образование и обука, во соработка со стопанските комори, во изработка и усвојување на потребната законска регулатива за дуалното стручно образование и обука, како што се подзаконски акти и упатства за имплементација на дуалното образование. По однос на приватниот сектор, проектот ќе ги зајакнува капацитетите на бизнис организациите, кои треба да бидат врската помеѓу своите членки-компании и училиштата за стручно образование. Поголемата ангажираност на локално ниво ќе биде значаен дел од втората фаза на проектот.
Министерството за образование и наука, кое водеше интензивен дијалог со компаниите заинтересирани да се вклучат во процесот на дуално образование преку кампањата „Учи Паметно Работи Стручно“, ќе вложува напори да го пренесе дијалогот и процесот на локално ниво т.е. на општините.

Главната цел или очекуваниот резултат од втората фаза на проектот е младите да се стекнуваат со пристојно вработување поради пазарно-ориентирани вештини, и тоа преку (1) подобрување на систем за стручно образование и обука кој ефикасно и ефективно ќе ги оспособува младите за пазарот на труд, и преку (2) компаниите и бизнис организациите кои заеднички ќе создаваат и обезбедуваат пазарна релевантност на стручното образование и обука.
Дополнително, потпишувањето на меморандумот за соработка за втората фаза од реформите за унапредување на системот за развој на стручни вештини во Република Северна Македонија се темели и на резултатите кои се постигнаа во првата фаза од соработката помеѓу владата на Швајцарија и владата на Република Македонија која започна во 2018, а се однесуваат на периодот 2020-2022 година.




