М6 Едукативниот центар го започнува сопствениот подкаст „Чекор напред со М6“, платформа посветена на споделување на експертиза и искуства за професионален и бизнис развој. Оваа иницијатива доаѓа во клучен момент, кога 30 приватни компании се активно вклучени во партнерството за доквалификација и преквалификација на кадарот, со акцент на тренинзи наменети за средниот менаџмент.

„Со подкастот ‘Чекор напред со М6’ сакаме да создадеме простор за конструктивни дискусии и размена на искуства кои ќе им помогнат на индивидуалците и организациите да ја унапредат својата работа“, велат од тимот на М6 Едукативниот центар.
Серијалот подкасти е во соработка со телевизија Телма и е продолжение на постоечкото партнерство помеѓу приватниот сектор и швајцарскиот проект „Образование за вработување“ имплементиран од Хелветас, преку кое се промовираат развојот на вештини и подготвеноста на работниот кадар. Првите 10 епизоди ќе се однесуваат на теми коишто се тесно поврзани со обуките за среден менаџмент спроведувани од М6 Едукативниот центар. Секој од говорниците е експерт во своето професионално поле, а низ разговор ќе се осврне на клучни предизвици и можности за компаниите кои целат да го развијат човечкиот капитал.
Во воведната епизода гостин е Светозар Јаневски, долгогодишен успешен директор на „Пивара Скопје“ и актуелен претседател на управниот одбор на Винарската визба „Тиквеш“. Со неговото долгогодишно искуство во управување со компании, овој ексклузивен разговор ќе даде негови согледувања за клучните предизвици во управувањето со човечките ресурси, создавањето мотивирани тимови и градењето организациска култура која поттикнува иновации.
Подкастот е достапен на сите главни дигитални платформи, вклучувајќи ги Spotify, Apple Podcasts и YouTube.



