Во рамки на проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани”, околу 20-тина млади учесници имаа можност да учествуваат во искористивање на потенцијалот на земјоделскиот отпад и нивните остатоци како алтернативна суровина во производството и дизајнот. Во текот на 2022 и 2023 година, младите учесници во проектот работеа со поканети уметници, врсници, технолози, земјоделци, волонтери и други личности кои беа од голема важност за реализација на самиот проект. Активностите им овозможија на учесниците да ги развијат своите вештини за понатамошен професионален развој и за истражување и осознавање на циркуларната економија.


„Успешната имплементација, особено едукативните активности во рамки на овој проект придонесе за зголемување на свесноста за заштитата на животната средина. Преку разни практични и теоретски работилници и истражувања, учениците од локалните училишта СОУ „Љупчо Сантов”-Кочани и ОУ „Малина Попиванова”-Кочани се запознаа со нови дизајни на производи од оризовиот отпад како главен предмет на истражување. Со уметност и иновација, покажавме како може да се искористи потенцијалот на земјоделскиот отпад како алтернативна суровина во уметничката пракса, производството и дизајнот. Внимателно концепираната програма значително ги зголеми можностите на оваа група млади лица да развијат професионални вештини пред вработување, со цел поуспешна идна кариера, поттикнување и развој на волонтерството и активизмот кај младите за нивна поголема вклученост во заедницата“, потенцираше Светлана Богова Јовановска од Македонското Модно Здружение.


„Станав учесник во овој проект затоа што имам голем интерес во уметноста. Преку нашето училиште се пријавив, учествував во работилниците и многу научив од изработката на различните продукти, особено за нивната содржина и намена“ нагласи ученичката Василија Јосифова од ОУ „Малина Попиванова”-Кочани.


Сите производи кои се изработија во рамки на работилниците им оставија посебен впечаток на учесниците затоа што тие сами ги изработуваа, дизајнираа и ги формираа истите во финален продукт. Но она што е најважно е дека учесниците се стекнаа со нови креативни вештини за дополнително дизајнерско образование и кариера во иднина но и ја увидоа важноста на циркуларната економија која допрва треба да ја применуваат младите, најпрвин заради заштита на животната средина, но и за унапредување на економијата и можноста за само-вработување.


Сите активности, вклучително и теоретските и практични раболници, посети како и предавања од страна на сите ментори и дизајнери кои се дел од проектот се опишани во брошурата достапна на следниот линк


Видеото достапно на следниот линк https://youtu.be/q1yQbc3ZaGs најдобро го прикажува учеството и интересот на младите за овој проект, како и материјалите кои се користеа и техниките кои се применуваа во текот на целиот период од проектот.


На крајот на месец март 2023 година, во просториите на НУЦК “Бели мугри” – Кочани, официјално беше отворена изложба на проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани. Вклучително и преку изложбата, проектот не само што ја подигна свесноста за важноста на заштитата на животната средина, циркуларната економија, креативната индустрија и агрикултурниот сектор, туку овозможи и поддршка на малцински групи, меѓусекторка соработка и промовирање на домашни проекти кои придонесуваат кон европските вредности и перспективи на Македонија


Проектот „Земјоделските остатоци како текстилна и дизајн суровина во општина Кочани” се реализира од страна на Македонското модно здружение, Скопје и Здружението на граѓани за културно-уметнички дејности ОДОНАТА. Проектот се спроведува во рамките на Регионалната програма за локална демократија во Западен Балкан 2 – ReLOaD2, финансирана од Европската унија (ЕУ), а ја спроведува Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП).


Едукативните активности се поддржани од Образование за вработување во Северна Македонија – E4E@мк, проект поддржан од владата на Швајцарија и имплементиран од Хелветас.